Поднесени 20 претставки за загаденоста до народниот правобранител

од Nikola Popovski
23 прегледи

Аерозагадувањето повторно руши рекорди. Скопје утрово беше најзагаден град во Европа, а на десетто место во светот, покажаа резултатите од платформата за мерење на квалитетот на воздухот, „IQAir“.

Граѓаните се жалат од загадениот воздух, велат секојдневно ги чувствуваат последиците врз здравјето. И покрај алармирањето состојбата со години не се менува. Единствен начин да се заштитат е да не излегуваат од дома.

До Народниот правобранител пристигнати се 20 претставки за загаден воздух.

-Иако Уставот гарантира право на здрава и чиста еколошка средина, состојбите и реалноста не одат во прилог на уставните заложби, истакна омбудсманот Насер Зибери. Тој ги посочи причинителите за ваквата состојба.

-Ова е заеднички проблем. Мораме да се соочиме со реалноста – или ќе плаќаме казни или тие пари ќе ги насочиме кон инвестиции и решавање на причините, а не да се бавиме со последиците. Веќе има амбиент и прво решение на коешто сакаме да се нафатиме е гасификација на урбаните средини, рече министерот за животна средина, Изет Меџити за големиот проблем со аерозагадувањето низ државата.

-Владата е посветена за намалување на аерозагадувањето, но потребно е и креирање политики за еколошката правда, додаде Меџити.

Загадувањето на воздухот особено им штети на ранливите категории, како што се децата, бремените жени, повозрасните луѓе и они коишто имаат кревко здравје. Проценките се дека во Македонија, годишно во просек 3.400 луѓе умираат заради аерозагадувањето со суспендирани честички, или 17 до 19 проценти се смртни случаи поврзани со загадениот воздух.  Според извештај на УНИЦЕФ, од 10 родени деца во земјата, едно починува поради загаден воздух.

Слични содржини