Подољак: Украина нема да ги прифати условите на Путин за прекин на војната

од Milan1
862 прегледи

Украина нема да ги прифати условите за почеток на преговорите за завршување на војната што ги претстави рускиот претседател Владимир Путин, изјави советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Михаило Подољак.

Тој го отфрли предлогот на Путин, оценувајќи дека тоа не е сериозен обид за постигнување мировен договор и дека не е релевантен за никакви преговори.

Подољак додаде за Ројтерс дека „нема можност да се најде компромис“ меѓу изјавите на Путин и условите за крај на војната што ги претстави Украина.

Инаку рускиот претседател Владимир Путин денес ги објави двата услови за почеток на преговорите со Украина. Путин вели дека Украина мора прво да ги повлече своите трупи од „сите нови региони“ на Русија за да започне преговори.

– Нашите услови за започнување на ваков разговор се едноставни и се сведуваат на следново. Украинските трупи мора целосно да се повлечат од Доњецката и Луганската народна република, односно од регионите Херсон и Запорожје. Од целата територија на овие региони, рече Путин на средбата со раководството на Министерството за надворешни работи.

Според него, вториот услов е изјавата на Киев дека се откажува од намерата да влезе во НАТО.

-Штом во Киев ќе се изјаснат дека се подготвени за таква одлука и ќе започнат со вистинско повлекување на војниците од овие региони, а исто така и официјално информираат за напуштање на плановите за влез во НАТО, нашата страна веднаш, буквално во истиот момент ќе ja следи наредбата за прекин на огнот и ќе започне преговори, рече рускиот претседател.

Путин нагласи дека денес Русија дава уште еден вистински мировен предлог, но доколку Западот и Киев одбијат, тоа ќе стане нивна одговорност за продолжување на крвопролевањето.

– За мирно решавање на конфликтот, на Русија и треба неутрален, неврзан и ненуклеарен статус на Украина, односно нејзина демилитаризација и денацификација, изјави Путин.

Слични содржини