Бројот на убиени Палестинци во Појасот Газа од почетокот на конфликтот меѓу Израел и Хамас се искачи на 23.357, соопшти денеска министерството за здравство во Газа, со кое раководи Хамас.
Во соопштението се додава дека вкупно се ранети 59.410 Палестинци, пренесува „Ројтерс“.
Во израелските напади во изминатите 24 часа загинале 147 Палестинци, а 243 лица се повредени.
Погодена електрана
Електрана во областа Буреиј во централна Газа, витална за снабдување со електрична енергија, била погодена во израелски напади и се запалила, пренесува „Ал Џезира“.
Во нападот сериозно биле оштетени сите четири генератори и физичката инфраструктура околу централата.
Катарската телевизија наведува дека тоа дополнително ќе го отежне снабдувањето со електрична енергија во Појасот Газа и ќе ги влоши и онака неподносливите услови за живот.