Покрај Македонија и Црна Гора, Јапонија и Холандија ги повикаа своите граѓани да ја напуштат Украина

од Nikola Popovski
212 прегледи

Откако американскиот претседател Џозеф Бајден ги повика американските граѓани веднаш да ја напуштат Украина, Јапонија, Холандија, Црна Гора и Северна Македонија апелираа до своите граѓани да ја напуштат таа земја.

Министерството за надворешни работи на Црна Гора ги информирало црногорските граѓани кои престојуваат во Украина да ја разгледаат можноста за привремено напуштање на територијата на таа земја, поради, како што се наведува, растечките тензии и непредвидливата безбедносна ситуација.

-Бараме нашите граѓани да бидат во постојан контакт со Амбасадата на Црна Гора во Украина, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи, пренесуваат црногорските медиуми.

Министерството за надворешни работи на Македонија упати покана до граѓаните да не патуваат во Украина, а доколку се веќе таму, што поскоро да ја напуштат таа земја.

Холандската влада ги советувала своите граѓани да ја напуштат Украина што е можно поскоро поради безбедносната ситуација, јави холандската телевизија БНР, повикувајќи се на холандскиот амбасадор во Украина.

Холандија ќе ја пресели својата дипломатска мисија од Киев во Лавов во западна Украина, извести БНР, пренесе Ројтерс.

Јапонија, исто така, ги повика своите граѓани во Украина итно да ја напуштат земјата, според советодавните упатства објавени од јапонското Министерство за надворешни работи.

Според Министерството, околу 150 јапонски државјани се во Украина, јави Танјуг.

Претседателот на САД, Џозеф Бајден синоќа ги повика американските граѓани веднаш да ја напуштат Украина и порача дека нема да испраќа војници да ги спасат Американците кои би побегнале од земјата, доколку Русија ја нападне.

Слични содржини