„Пократок животен век“ наспроти „следење на европските процеси“: Дали и во Македонија треба да се оди во пензија на 67 години?

од Nikola Popovski
504 прегледи

Се е уште е далеку од готово, но се размислува во правец на нови услови за пензионирање – наместо досегашните 62 години за жена и 64 години за маж, старосната граница за пензионирање да се промени со 67 години, односно за неколку повеќе од сегашните услови за остварување на ова прав. Вакво мислење дал Фискалниот совет за 5-годишната стратегија на Владата во која се наведува дека мора да се зголеми возраста за пензиноирање. Според Фискалниот совет, буџетската дупка во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е голема, а линеарните зголемувања од 2.500 денари ќе придонесат Фондот на долг период да не биде одржлив.

Што ќе донесе ваква реформа и како ќе се одрази? 

Експертите се поделени по ова прашање. Според професорот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии, ова претставува многу лош предлог. Главниот критериум за него тука е колку долго луѓето живеат откако ќе се пензионираат.

-Во Македонија, тоа е 10 години – границата за пензионирање е 63 години (просек за мажи и жени), а просечниот животек век е 73 години (според податоците на Светска здравствена организација). Овие 10 години се веќе меѓу најкратките во цела Европа. Ако се крене границата на 67, луѓето ќе живеат во просек 6 години откако ќе се пензионираат, што веројатно ќе биде најкратко на свет. За споредба само, во Австрија луѓето живеат 18 години откако ќе се пензионираат – границата за пензионирање е исто 63 години, но животниот век е 81 година. Слично е и во повеќето земји од ЕУ. Кога животниот век и во Македонија ќе достигне 80 години, тогаш треба да се размислува за ова, вели Јовановиќ во анализа за „Локално“.

Бранимир Јовановиќ

Според него, дури и да се зборува за кревање на границата за пензионирање, тоа не може да биде за 4 години наеднаш. Јовановиќ е дециден дека во ниедна земја не се покачува толку многу наеднаш и обично е за 1-2 години и тоа постепено.

На прашањето дали недостигот на кадар во многу сектори е една од причините за да се зголеми старосната граница за пензионирање, професорот категорично негира.

-Со кревањето на границата на пензионирање нема да се реши проблемот со недостиг на работници. Ако луѓето се пензионираат подоцна, тоа нема да го зголеми наталитетот во државата, ниту ќе спречи младите да се иселуваат. Кревањето на границата за пензионирање е мерка што дава резултати на долг рок. На краток рок таа не менува скоро ништо, а на долг рок секако се очекува дупката во пензискиот фонд да се намали, кога ќе почнат пензиите да се исплаќаат и од вториот пензиски столб. Така што, мерката воопшто не е соодветна за моменталната ситуација во Македонија, оценува Јовановиќ.

За тоа кои се другите опции за да се обезбедат повеќе пари во Фондот за пензиско осигурување, соговорникот посочува дека две мерки.

-Првата што треба да се направи е да се укинат ослободувањата од придонеси кои ги има безброј во државата. Втората е да се зголемат придонесите за пензиско осигурување, што Фискалниот совет исто така го препорачува, бидејќи тие во Македонија се меѓу најниските во Европа. И при едното и при другото мора да се внимава зголемувањето да не падне на грбот на работниците, односно да се предвиди дека нето-платата на работниците не смее да се намали поради повисоките давачки, објаснува Јовановиќ.

Од друга страна, даночниот експерт Славко Лазовски има сосема поинакво мислење. Вели дека во земјите-членки на ЕУ тече или е веќе завршен процесот на подигање на старосната граница за остварување на правото на пензија и смета дека треба да го прифатиме тој процес на европеизација на сите процеси во општеството. Според Лазовски, процесот ќе ни донесе најголеми придобивки на сите. Целта и ориентацијата е јасна, само по кој редослед, објаснува тој.

Славко Лазовски

-И ММФ го предлагаше истото, а и Светска банка ќе го исфинансира преминот. Нашето искуство е потврда за успешно остварен процес во блиското минато. Но, има едно големо „но“. Треба да се симне правилото  „една пензија или една плата“. И пензија и плата за оној кој може, со добро изработени инструменти на заштита. Ова е само за кај нас, истакнува соговорникот и предлага уште неколку реформи во пензискиот систем.

-Не 5 години стаж на осигурување туку 10 како што е европски. Не 75% од пензијата на починатиот туку 125%, како што е европска норма. Исто така не да бидат 5 години стаж на осигурување, па детето да оствари пензија на починатиот родител туку само една година.

За дупката во Фондот, Лазовски наведува дека „никого, ништо и никогаш не загрозува“.

-Измислица лажна за да ни се плеска во лице на нас пензионерите. Милионите и порано и сега истурени кон општините е радосна работа кон бизнисот исто и повеќе ослободувања и олеснувања е спасување, а само кон пензионерите е загрозување. Позитивниот тренд во Фондот беше очигледен, само овие 2.500 денари го пролонгираат тој тренд. Да потсетам од 1-ви септември 2025 година повторно се враќа нашата швајцарска формула, а ние сакаме да биде вистинска Швајцарија, посочува даночниот експерт.

Лазовски анализира дека дупката во Фондот се решава со меки мерки и тоа во следниве насоки:

-Придонесот за ПИОM нагоре, а трошоците на пензискиот систем надолу..,Македонија има пензиски систем со огромни трошоци- околу 2.5% од БДП. Исто така треба да се престане со прикриеното оданочување на пензиите под изговор кога данокот останува во Фондот. Време е да се отпочне со реформирање на пензискиот систем. Задоцнувањето скапо ќе не чини, заклучува експертот.

Финансиските институции како ММФ и Светската банка во повеќе наврати препорачуваа да се разгледа опцијата да се зголеми старосната граница за пензионирање, со цел да се обезбеди одржливост на пензискиот систем, но од Владата тврдеа дека досега не била ставена на маса иницијативата за корекции на старосниот праг за пензионирање.

-Морам да бидам најреален и најискрен дека во моментот не се прави никакво размислување за покачување на старосната граница. Со уверение тврдам дека во моментов не се прават анализи ниту се разговарало во Владата. Нека бидат спокојни пензионерите. Единствено што работевме во изминативе 100 денови беше да се покачат нивните пензии. Втори и трети чекори за пензионерите е да го подобриме нивниот станадад, вака изјави министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски на 22-ри октомври годинава.

Истиот месец и директорот на ПИОМ, Никола Мемов на брифинг со новинарите рече дека таков предлог нема да излезе од институцијата, освен ако не се одлучи поинаку на Влада која сепак е надлежен орган по ова прашање.

Над 330 илјади пензионери на 1-ви октомври ги добија пензиите, повисоки за 2500 денари. Согласно предизборните ветувања на Владата, сите пензионери кои заминале во пензија до крајот на август добија линеарно покачување, без разлика на годините стаж или висината на придонесите што ги уплаќале. За во март е најавено ново линеарно покачување на пензиите за по уште 2500 денари.

Старосната пензија се утврдува од месечниот просек на платите што осигуреникот ги остварил за време на вкупното траење на осигурувањето, а најрано од 1 јануари 1970 година. За определување на пензиска основица, покрај месечниот просек на плати, се зема и надоместокот на плати, односно паричниот надоместок во случај на невработеност.

Старосната пензија се утврдува од пензиската основица во проценти определени зависно од должината на пензискиот стаж која за секоја година пензиски стаж изнесува 0,75% (маж), односно 0,86% (жена) од пензиската основица, а за пензиски стаж пократок од една година, а најмалку шест месеци изнесува 0,375 % (маж), односно 0,43% (жена) од пензиската основица.

Најнизок износ на старосната пензија остварена од задолжителното пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност и пензијата остварена од задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување не може да изнесува помалку од утврдената просечна плата на сите вработени во Република Македонија во 2002 година, и тоа за:

-корисниците кои пензијата ја оствариле со пензиски стаж над 35 години (маж), односно над 30 години (жена), во висина од 41%,

-корисниците кои пензијата ја оствариле со пензиски стаж над 25 години (маж), односно над 20 години (жена), во висина од 38% и

-корисниците кои пензијата ја оствариле со пензиски стаж до 25 години (маж), односно до 20 години (жена), во висина од 35%.

Н.П.

Слични содржини