Покрената постапка за исклучување на Шредер од партија поради неговите врски со Путин

од Stefanija Kuzmanovska
184 прегледи

Владејачката Социјалдемократска партија на Германија (СПД) започна дискусија за исклучувањето на поранешниот канцелар Герхард Шредер од партијата.

Постапката е започната денеска во Хановер, со образложение дека Шредер има пријателски однос кон рускиот претседател Владимир Путин и ја поддржува неговата политика.

„Самиот Шредер донесе одлука дека неговиот финансиски и личен однос со Путин е поважен од неговата партија“, изјави за дневниот весник „Рајнише пост“ потпретседателот на СПД, Томаш Кучати.

Барањето за исклучување на Шредер го поднеле 17 членови на СПД.

Дискусијата за исклучувањето на Шредер се води во седиштето на огранокот на СПД во Хановер, бидејќи поранешниот канцелар доаѓа од редовите на тој огранок.

Шредер беше канцелар на Германија од 1998 до 2005 година.

Од почетокот на војната во Украина, Шредер беше жестоко критикуван од германската јавност, но тој не сакаше да се откаже од своите позиции во руските компании.

Дури откако притисокот стана преголем, тој поднесе оставка од функцијата во Управниот одбор на Роснефт, но не го прекина контактот со Путин и го бранеше тоа пријателство во неодамнешното интервју.

„Нема да се откажам од моите можности за дијалог со претседателот Путин“, рече тој во интервјуто.

Се очекува Шредер да се бори против исклучувањето од партијата.

Последното протерување на поистакнат член на СПД беше протерувањето на поранешниот финансиски сенатор од Берлин, Тил Сарацин, поради антиисламски објави.

Слични содржини