Уставот на државата ќе се отвори, но не само за бугарското малцинство во земјата. Владата размислува и околу барањата на другите заедници во земјата, коишто изминатиов период пројавија желба да бидат внесени во Преамбулата на Уставот, којшто треба да се отвори пред пристапувањето на земјата во Европската Унија. Скринингот со ЕУ ќе започне на 15 септември, со што ова прашање почнува се почесто да се наметнува во јавноста.
Ова е шанса за Владата да добие поширока поддршка за вклучување повеќе заедници во Уставот, за што е потребно двотретинско мнозинство, коешто тешко ќе се оствари без широк консензус во парламентот. Дали партиите на власт ќе успеат да обезбедат 2/3 мнозиство за уставните измени?
Политикологот Благојче Атанасоски смета дека во овој даден момент на екстремна поларизација на македонската политичка сцена, длабокото рововско вкопување во позициите на власта и опозицијата не дава надеж дека може да се обезбеди потребното мнозинство за изгласувањето на уставните измени со кои ќе се впишат Бугарите во македонскиот Устав.
– Позициите на лидерот на опозицијата засега се јасни, дека нема да ја даде таа поддршка од неговата пратеничка група. Јас велам, единствено и само со огромен, дипломатски булдожерски притисок од високата американска надворешна дипломатија и администрација може да вроди со плод во обезбедување на потребното 2/3 нско мнозинство. Тоа веројатно ќе се случи пред отворањето на првото поглавје од европреговорите, односно на крајот на скрининг процесот. Веројатно така и ќе биде во техничката влада пред парламентарните изборија, и потоа ќе се оди на избори. Опозицијата тоа ќе го оправда како чин под притисок, а не како некое своеволево прифаќање на вметнување на Бугарите во македонскиот Устав, изјави Атанасоски за „Локално“.
Од Алијанса за Албанците (АА) за „Локално“ изјавија дека како и досега без политички егоизам ќе продолжат да ги поддржат интеграциските процеси на државата.
– Алијансата за Албанците без политички егоизам, како никој друг, ги поддржа интеграциските процеси на државата, не оставајќи ни најмала дилема за нејзиното однесување во иднина во однос на оваа тема. Останува да се види колку нашата земја е подготвена да ги направи неопходните прилагодувања во корист на западните демократски вредности, почнувајќи од најелементарното поврзано со отстранувањето на ксенофобната дефиниција 20% на Албанскиот јазик во Уставот за да се премине на другите предизвици поврзани на потребата од еднаквост на сите граѓани без разлика, а особено во буџетот кој за Алијансата за Албанците има иста вредност, изјави Илире Даути за „Локално“.
Од друга страна опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги поддржува интеграција на Македонија во рамките на Европската Унија, но нема да поддржи промена на Уставот.
– Владата на СДСМ треба да одговори зошто немаа слух за потребата од национален консензус кога народот гласно се спротивставуваше на потценувачките договори? ВМРО-ДПМНЕ повика на обединување на народот протов штетните договори и политики и единствениот национален консензус кој во иднина ќе биде поддржан е волјата на народот. Во овој момент преговорите не се базираат на вистинска интеграција, туку на преговори за историски факти. Главниот проблем на нашата европска интеграција претставува Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија во кој има потценувачки услови, нешто што владата на СДСМ го прифати. ВМРО-ДПМНЕ е за европска интеграција, но достоинствена, под услови кои важеле за сите земји членки кога го минувале процесот на преговори, изјавија вчера од ВМРО-ДПМНЕ за „Локално“.
Д.Ј.