На Polestar, како нов производител на електрични автомобили, не му оди најдобро. Бројките не се спектакуларни, па мнозинскиот сопственик на компанијата Volvo ги препушти своите акции на Geely. Сепак, Томас Ингенлат, извршен директор на Polestar, неодамна изјави дека неговата компанија е всушност во подобра позиција отколку што изгледа однадвор.
Иако продажбата на електрични возила расте на глобално ниво, трендовите сè уште не се спектакуларни, односно растот не е доволно висок. Компаниите кои се обврзаа на целосна транзиција кон електрични возила неодамна го променија својот став, избирајќи да се потпрат и на моделите со внатрешно согорување и на хибридните модели додека чекаат закрепнување на пазарот на електрични возила. Ингенлат тврди дека овие производители на автомобили паѓаат во замка, пренесе „ХАК“.
– Неверојатна закана и опасност е доколку не ги прифатите идните иновации и не верувате во таа технологија – електрични погони, иновации во технологијата на батерии, иновации во модерната електроника и софтвер – изјави тој за „Телеграф“.
– Ако не учествувате и мислите дека можете да почекате, а клиентите се подготвени за тоа, тоа е голема замка. Тоа е неверојатна можност за Polestar бидејќи навистина нема толку голема конкуренција во автомобилскиот сектор со високи перформанси – изјави Ингенлат.
Времето ќе покаже дали тој е во право или тие што чекаат се во право, а времето навистина е пари во автомобилската индустрија.