Лажна била дојавата за бомба на концертот на српскиот пејач Пеѓа Јовановиќ што вечерва се одржуваше во спортската сала „Јане Сандански“ во Скопје. Концертот беше привремено прекинат откако непознато лице нешто пред 19 часот се јавило во полиција и пријавило дека во салата е поставена експлозивна направа.
Публиката веднаш беше евакуирана, а полицијата заедно со антитерористичките тимови изврши целосна проверка на просториите. Во 21:18 часот од МВР соопштија дека е утврдено оти се работи за лажна дојава и дека салата е безбедна за враќање на посетителите.
По завршената проверка, концертот продолжи, а присутните се вратија на своите места безбедно. Од МВР апелираат ваквите лажни дојави да не се злоупотребуваат, бидејќи предизвикуваат паника и сериозно ангажирање на службите.