Сплитската полиција приведе 51 лице поради нередите што ги предизвикаа навивачите на Хајдук во Пољуд и околу стадионот по мечот со Динамо, а лекарска помош побараа тројца полицајци.
Нередите избија по завршувањето на полуфиналниот натпревар од Купот на Хрватска меѓу Хајдук и Динамо, кој заврши со резултат 0:1. Веднаш штом заврши натпреварот, група домашни навивачи истрчаа на теренот со цел да го нападнат гостинскиот тим и навивачите, пренесува Хина.
„Со навремена реакција и дејствување на полицијата нападот е спречен и луѓето се пренасочени на трибините“, соопштија од полицијата.
Меѓутоа, во и околу стадионот во неколку наврати поголеми групи навивачи ја нападнаа полицијата фрлајќи кон нив запалени ракети, шишиња, камења и други предмети.
„Тројца полицајци побарале лекарска помош и се пренесени во сплитската болница. Оштетено е и едно службено возило“, соопштија од полицијата.
За време на немирите беа запалени и голем број контејнери поради што беа ангажирани пожарникарите кои со поддршка на полицијата која ги бранеше од можни напади ги гаснеа подметнувачките пожари.