„Политичари од прва или четврта лига“: Што значи ретерирањето на Мицкоски во однос на уставните измени?

од Nikola Popovski
3,3K прегледи

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски прифати уставни измени и внесување на Бугарите во Преамбулата, истакнувајќи дека треба да бидат со одложено дејство, односно да стапат на сила откако Македонија ќе влезе во ЕУ. Иако ова го изјави пред неколку, се уште нема одговор од ВМРО-ДПМНЕ на повиците на СДСМ за работна група која треба да ги преговара условите за влез на најголемата опозициска партија во владата, со што би се отворил Уставот со 2/3 мнозинство. Оттаму се поставува прашањето дали Мицкоски можеби ретерира од својот став и се покажува како „политичар од 4.лига“, како што изјави синоќа портпаролот на ДУИ и шеф на македонската дипломатија, Бујар Османи.

Берат Азизи

Дел од експертите се согласуваат со констатацијата на Османи. Политичкиот аналитичар Берат Азизи во разговор за „Локално“ вели дека со последната изјави ДУИ да излезе од владата, се создава впечаток дека Мицкоски нема проблем со уставните измени односно со Бугарите, туку со ДУИ.

-Од другата страна нема јасни насоки или порака до неговите пратеници да гласат за уставните измени и што ќе опфаќаат тие измени. Исполнувањето на сите негови услови нормално го прави Мицкоски несериозен пред македонската јавност поради фактот дека прво нема јасни барања, по што ги менува секој ден.

Второ ако меѓународната јавност бара да се изгласат уставните измени каде Бугарите би биле дел од Уставот, тоа автоматски значи не е во прашање ДУИ или политичките партии на Албанците, туку ветото на Бугарија, порачува Азизи.

Смета дека има една голема политичка игра.

-Можеби ВМРО-ДПМНЕ не го очекуваше тоа, но ако ДУИ излезе од Владата, дали ВМРО-ДПМНЕ е спремна да гласа за уставните измени и дали ќе формирата влада без Албанците бидејќи ставот на опозициските албански партии односно на БЕСА е многу дециден кога се работи за уставните зимени. Мислам ВМРО-ДПМНЕ сака да ја подготвува јавноста за евентуално гласање на уставните измени од неговите пратеници. Сите сценарија сега се на игра, истакнува соговорникот.

Азизи е категоричен дека ако не поминат уставните измени, ние пак ќе продолжиме по истиот пат како што беше и во случајот со името.

-Ќе бидеме надвор од процесите уште неколку години, па од другата страна ако гласаме за уставните измени ќе бидеме многу побликсу до ЕУ, имајќи ги во предвид и другите реформи шти треба да се направаат од партите кои ќе бидат дел од власта. Игра на предавници и херои секогаш се слуша кога треба да одлучуваме за ЕУ, а од другата страна како држава ние продолжуваме да бидеме неразвиена земја во регионот која има најнизок рејтинг во сите извештаи на меѓународните институции, предвидува аналитичарот.

Не очекува дека ЕУ ќе врши притисок врз Бугарија кога таа има право на вето.

-До сега ЕУ има јасен став околу оваа и бара од Македонија да ги изгласа уставните измени. Барањата на Мицкоски нема да влијаат на ЕУ, односно да ги тера тие да вршат притисок кон Бугарија. Ние немаме сила ни позиција да саботираме стратешки цели на ЕУ, но имаме право да бараме да бидеме дел од ЕУ, заклучува Азизи.

Политичкиот аналитичар Ненад Јовановиќ во разговор за „Локално“ посочува дека овде ниту се работи за Ковачевски, ниту се работи за Мицкоски, туку за сите нас: „Ќе се давиме во глупости или ќе ги прифатиме уставните измени?“.

Ненад Јовановиќ

-На почеток не е погрешно ако речеме дека убаво е да се биде оригинален мислител, да застапуваш неортодоксни ставови над кои ќе се мрштат и „Гвелфите“ и „Гибелините“, убаво е, велам, кога не им се робува на шемите и стерилните политички коректности, а богами убаво е кога не и’ се робува на простачката некоректност. Притоа, еве ви едно наградно прашање: на кои од овие две групи припаѓа Христијан Мицкоски (?), инаку со години наназад склон на мисловно-вербални лупинзи кои шокираат во својата глупавост, страв, конфузија и идејна невтемеленост. Мицкоски не е политичар, поточно, Мицкоски сака да биде политичар, а да сакаш и да си, ќе признаете, тоа се две различни работи. Мицкоски знае што треба да направи, ама тоа што треба да го направи, не верувам дека ќе го направи. А тоа е да ги поддржи и гласа Уставните измени во Собранието. Секој што мисли поинаку, би рекол дека е наивен. Ако има оваа земја среќа, би требало повторно оној дел од „вмроовските“ пратеници да ги гласа Уставните измени, ако пак, немаме среќа, ете не сите заедно во нов „Гордиев чвор“, оценува Јовановиќ.

Тој укажува дека спроведувањето на уставните измени „ќе ја ослободат земјава, ќе ѝ олеснат, ќе ја излуфтираат, а богами и некоја перспектива ќе ни се отвори затоа што во основа двата големи спора со соседите сме ги решиле“.

-И пред меѓународната заедница ќе покажеме дека се голем и кредибилен европски партнер. Во спротивно, ако ништо од ова не се случи, повторно ќе се вратиме во нашите мали и микро „нарцизми на мали разлики“. Повторно ќе се вратиме во неизвесност и страдање. Нема тука подлабока смисла. А статус-кво ситуација одговара само на оние сили кои не и мислат добро на оваа земја и нејзините граѓани, порачува соговорникот.

Јовановиќ анализира дека ова не е време за схоластички игри.

-ДУИ знаат дека Мицкоски не ги сака албанците, и во интерес на државата, му ги удоволуваат желбите како на некое дете во градинка. Нашето „проклетство“ е во тоа што повторно нешто важно зависи од ВМРО-ДПМНЕ, а таа – како и секогаш – уценува или има список на желби кои во основа се инфантилни и декадентни, вели аналитичарот.

За тоа што ВМРО-ДПМНЕ сега вели дека со неприфаќањето уставни измени со одложено дејство, СДСМ ѝ помага на Бугарија и планира во текот на преговорите да подготви ново национално предавство, Јовановиќ гледа со неверување.

-Погледајте ја структурата на самото прашање и размислете. Зарем не приметувате колкав отров, колку бесмисла, и колку радијација има во метафората за „национално предавство“? Кое предавство? НАТО ли е предавство, патот кон Европа ли е предавство? Приказните за предавства се приказни на лузери. Современата политиката бара решенија, а не стари и потрошени лепенки за дефамација на личности, советува аналитичарот и додава:

-Отсекогаш било се’ до нас. Како ќе сработиме, така и ќе добиеме. Нема неправди, нема злобни космички сили, нема теории на загавори – како ќе си сработиме ние дома, така и ќе си живееме. Паметни луѓе ги прифаќаат уставните измени, будалите изигруваат жртви.

Н.П.

Слични содржини