Двата најголеми производители на автомобили од Јужна Кореја станаа предмет на истрага на германската полиција, бидејќи вчера во нивните простории беше извршена рација поради сомневање за постоење на уред кој ја намалува емисијата на штетни гасови при тестирање.
Софтверските уреди кои се поставени да ја намалат количината на издувни гасови во дизел моторите при тестирање на емисиите не се ништо ново. Ваквите уреди се користат уште од 1970-тите, а иноватор беше Volkswagen.
Речиси половина век подоцна, германската компанија повторно се најде во сериозен проблем поради истиот уред, а скандалот го доби дури и своето име – Дизелгејт. Сепак, се чини дека производителите на автомобили не извлекоа поука од огромните казни што Volkswagen требаше да ги плати. Германската полиција упадна во просториите на Hyundai и Kia во таа земја, поради наводите дека инсталирале софтвер кој влијае на емисијата на штетни гасови во 210.000 дизел возила, се наведува во соопштението на Државното обвинителство во Франкфурт.
Се верува дека софтверот го развиле добавувачите на делови и опрема Bosch и Delphi, а полицијата извршила претрес во деловните простории на јужнокорејските брендови во Германија и Луксембург, како дел од операцијата спроведена во соработка со агенцијата Eurojust. Портпаролот на Hyundai ја потврди веста за рацијата и рече дека компанијата соработува со властите.