Најмалку 18 лица се убиени во вториот по големина град во Бразил, Рио де Жанеиро, за време на голема полициска рација во сиромашна населба, соопшти државната воена полиција, цитирана од „Ројтерс“. Во рацијата учествуваа околу 400 полицајци, четири летала и десет оклопни возила.
Оперативни тимови на цивилната и воената полиција на Рио де Жанеиро вчера извршија рација во комплексот Алемао, група фавели во северниот дел на градот, како дел од операцијата против организирана криминална група осомничена за повеќекратни кражби и грабежи на банки, како и за планирање напади врз сиромашните квартови, се вели во соопштението на воената полиција.
Најмалку 18 лица загинаа во таа рација, еден полицаец, 16 осомничени криминалци и една жена која случајно се нашла во близина, соопшти полицијата.
Во акцијата учествуваа околу 400 полицајци, четири летала и десет оклопни возила.
Поради големиот број загинати, таа полициска акција поттикна истрага за можни прекршувања на човековите права, наведува британската агенција.
„Постојат знаци на големи прекршувања на човековите права и основано сомневање дека ова е една од операциите со најголем број смртни случаи во Рио де Жанеиро“, се вели во соопштението на државниот омбудсман.
Полициските сили на сојузната држава Рио редовно вршат вакви рации во сиромашните квартови на градот, насочени против криминални групи, во кои често се убиени многу луѓе.
Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро, кој ги поддржува таквите полициски тактики во борбата против организираниот криминал, претходно изјави „дека се надева дека криминалците ќе умрат на улиците како бубашваби“, пренесува „Ројтерс“.