Талибанците вечерва објавија дека им ветуваат безбедност на странските државјани и членовите на дипломатските мисии во главниот град на Авганистан, Кабул.
– Гарантираме целосна безбедност на сите амбасадори, дипломатски мисии и странци во Кабул. Сите што се тука треба да знаат дека не се во опасност – изјави портпаролот на Талибанците, Забиула Муџахид преку Твитер.
Тој додаде дека „на борците на Исламскиот емират на Авганистан им било кажано да обезбедат безбедност во Кабул и другите градови во земјата“, пренесе ТАСС.
Според Ал Арабија, милитантите на радикалното талибанско движење влегле во Кабул без отпор и ги презеле канцелариите, кои ги оставиле провладините сили.
Талибанците рекоа дека ќе ја преземат контролата врз целиот град во следните неколку часа и апелираа до жителите на Кабул да останат во своите домови од безбедносни причини.
Вршителот на должноста авганистански министер за внатрешни работи, Абдул Сатар Мирзаквал воведе полициски час во Кабул, кој трае од 21 часот, со цел да се спречат провокации и да се овозможи безбедност на цивилите, пренесува ТАСС.