Полициски час за невакцинираните: Нова корона-мерка во Романија

од Nikola Popovski
389 прегледи

Романската влада воведе нови ограничувања за да го спречи растот на нови инфекции со коронавирус, вклучително и задолжително носење маски на отворено и полициски час за невакцинирани луѓе за време на викендот, но одлучи да ги држи училиштата отворени.

Бројот на нови инфекции со Ковид-19 во Романија вчера достигна 12.032, што е нов рекорд од почетокот на пандемијата, а единиците за интензивна нега низ целата земја останаа без простор.
Романија ја има втората најниска стапка на вакцинација во Европската унија, пренесува Ројтерс.

Романската влада воведе обврска за носење маска и на внатрешни и на надворешни јавни простории на места каде што инциденцата надминува 6 на 1.000 луѓе.

Пристапот до ресторани, спортски сали, театри, кина и други затворени простории ќе биде ограничен до половина капацитет и само за луѓе кои биле целосно вакцинирани или веќе биле заразени со вирусот.

За време на викендот ќе биде воведен полициски час за оние кои не се вакцинирани.

На училиштата им е дозволено да останат отворени доколку не се пријават нови случаи на Ковид-19 во училниците.

Ројтерс наведува дека Романија заостанува зад другите земји на ЕУ во вакцинацијата, бидејќи само една третина од возрасната популација била целосно вакцинирана поради недоверба во државните институции и поради кампањи за дезинформација. Околу 40 проценти од медицинскиот и училишниот персонал не се вакцинирани.

Романија во вторникот започна да нуди трета доза од вакцината, препорачувајќи ја на медицинскиот персонал и луѓето со висок ризик од инфекција, но оставајќи ја можноста и за секој што ја примил втората доза пред повеќе од шест месеци, објави Танјуг.

Слични содржини