Лигата на шампионите го менува форматот од следната сезона, а тоа доведе до зголемување на наградниот фонд кој од две милијарди евра се зголеми на 2,5 милијарди.
За пласман во елитното европско натпреварување клубовите наместо досегашните 15,64 милиони ќе инкасираат 18,62 милиони евра. Секоја победа ќе донесе 2,1 милиони евра на сметката на учесникот, додека нерешено ќе донесе 0,7 милиони.
Да потсетиме, следната сезона во Лигата на шампионите наместо досегашните 32 ќе играат 36 клубови.
Во новиот формат, секоја екипа ќе игра осум наместо шест натпревари и ќе собира бодови за пласман понатаму. Веќе нема да се игра против истите противници дома и на гости.
Првите осум од табелата ќе се пласираат директно во осминафиналето. Екипите пласирани од 9 до 24 место ќе играат во второто коло (еден натпревар дома и еден на гости) за да се пласираат во најдобрите 16.
Двојките во таа квалификациска фаза ќе се решаваат со ждрепка, а екипите ќе бидат поделени во две групи – носители (од 9. до 16. место во лигата) и неносители (од 17. до 24. место). Потоа, победниците ќе играат против еден од осумте најдобро пласирани од првото коло.