Половина царство на офшор

од Vladimir Zorba
71 прегледи

Истражувањата во врска со парите изнесени од Русија во т.н. „даночни раеви” ширум светот, ја потврдија загриженоста и најцрните сомневања на економистите и политичарите. „Офшорниот капитал” на домашните компании достигнал фантастичен износ од 62 трилиони рубљи (1,1 трилион американски долари). Тоа е околу 72 отсто од годишниот БДП на Русија и три пати повеќе од вкупните валутни (златни) резерви на Централната банка на Руската федерација. Една рака наши супербогати сограѓани и неколку најкрупни компании во земјата, на сметки во Панама, на Кипар и останатите офшор дестинации држат од прилика исто толку пари колку што поседуваат граѓаните внатре во Русија. Или, ако земеме поинаква споредба, владејачката елита од земјата изнела паричен еквивалент на целата руска економија од средината на првата деценија од овој век.

Во нашата официјална статистика овие информации секако нема да ги најдете. Ова се заклучоци од истражувањето на водечките светски специјалисти на Париската школа по економија. Том Пикети, Габријел Зикман и Филип Новокмет (Зикман моментално работи на Универзитетот во Калифорнија). Нивниот извештај под името „Од совети до олигарси: нееднаквоста и имотот во Русија од 1905 до 2016” го објави приватна американска непрофитна организација Национално биро за економски истражувања (NBER).

Пикети и неговите колеги, луѓе од науката кои најчесто се бават со собирање и анализа на огромен број податоци со цел за изучување на глобалните проблеми во економијата, овој пат се фокусираа на една земја. Ги интересирало личната траекторија на развојот на Русија по распаѓањето на СССР, потоа т.н. „офшоризација” на економијата и расчекорот во примањата меѓу богатите и сиромашните: нескладност која во Русија достигна клучни размери кои не се карактеристични ни за развиените, а ни за останатите посткомунистички земји. На авторите Русија едноставно се наментна како показен пример на екстремен облик на олигархиски капитализам и ги потврди нивните тези за инкомпатибилност од висок степен на социјалната (читај имотна) неправда и стабилниот развој на земјата.

И иако поради користење на недоволно доверливи податоци, методологијата на Пикети постојано е изложена на критики (најголемиот број на забелешки се однесуваат на користење на статистички податоци од советското време), заклучоците на главната академска ѕвезда во областа на економијата и автор на светскиот бестселер „Капиталот во 21 век” во никој случај не смеат да се игнорираат.

Економската стимулација секаде делува еднакво, а сопствениците на крупниот капитал во цел свет се занимаваат со измислување на разни начини за минимализација на своите даночни обврски. Габријел Зикман во своите претходни редови пресметал дека во офшор зоните ширум светот се наоѓаат 7,6 трилиони американски долари. Според податоците на хуманитарната организација Оксфам (Oxford Committee for Famine Relief) за 2014 година, 50 најголеми американски компании во „мирните даночни раеви” чувале 1,4 трилиони американски долари.

Изразено во релативни бројки, тоа е сепак само осум проценти од вкупната економија на САД. Надвор од даночната јурисдикција на своите земји од прилика иста количина на своето богатство чува и европската елита. Секако дека враќањето на овие активи во „родниот крај” би дало силен импулс во борбата за социјална правда во нивните земји, но квалитетот на животот на просечниот Американец или Европјанин нема да се промени радикално во ништо.

Дали може тоа исто да се каже и за Русија? Кај нас офшор зоните играат принципиелно поинаква улога. Поради монструозните размери на корупцијата и целосното отсуство на правната заштита на бизнисите, руската економија се лишува не само од дел од корпоративниот супер профит, туку и од половина своја потенцијална актива. Целосниот дебакл на кампањата за „деофшоризација” на руската економија, покажа дека коренот на проблемот лежи многу подлабоко од тој во западните земји. Руските бизнисмени не бегаат од фактички нискиот данок на приходот кои изнесува само 13 отсто. Напротив, тие се подготвени да платат и два пати повеќе само да не се сретнат со руските даночни и правосудни органи.

И сега, ако се впуштиме во фантазии и да се препуштиме во магијата на играта „што би било кога би било”, враќањето на „офшор имотот” на руските богаташи во Русија без сомневање би помогнало во решавање на многу проблеми кои се однесуваат на најшироките слоеви на општеството. Би се рекло, сите би добиле и државата и народот. Бидејќи според проценка некои (дури) крајно конзервативни критизери на сегашната состојба, некои „скромни” 400 до 500 милијарди рубљи вратени во буџетот би биле доволни целосно да ги покријат вкупните годишни федерални трошоци на здравството.

Ако сепак само дел од изнесените пари се инвестираат во руската економија, ефектите би можеле да бидат многу поголеми. На пример, Столипинскиот клуб во својот план за излез од кризата претпоставува дека за раст на руската економија би биле доволни 1,5 трилиони рубљи годишно, не во вид на некаков подарок, туку во форма на кредити кои би биле позајмени во домашниот бизнис. А економистот Михаил Дмитријев предлага оваа иста сума да се насочи на финансирање на инфраструктурата.

Меѓутоа, како што се вели, сето тоа се разговори во празно. Нашите сограѓани кои ги стекнале своите богатства како во т.н. приватен сектор на економијата така и во државната служба сосема поинаку го гледаат „националниот интерес” на Русија

Новаја Газета – Москва