Варшава и Киев денеска објавија дека постигнале договор за транзит на жито што ја вклучува Литванија, прв пат од средината на септември кога Полска го забрани неговиот увоз.
„Постигнавме договор за важно прашање“, изјави за новинарите полскиот министер за земјоделство Роберт Телус по трипартитниот состанок преку Интернет.
„Од утре на литванската територија, во литванското пристаниште, ќе се вршат контроли што требаше да се извршат на украинско-полската граница за жито што минува низ Литванија.
Литванија презема целосна одговорност за тие инспекции“, рече тој.
Телус рече дека Полска ќе продолжи да ги отвора транзитните коридори „бидејќи тоа е добро за полските земјоделци, за Украина, за Европската унија и за целиот свет, бидејќи украинското жито мора да се испрати во регионите кои немаат доволно“.
Ова е прв договор меѓу Полска и Украина од почетокот на дипломатската криза предизвикана од полското ембарго за увоз на украински житарки. Варшава го воведе затоа што сака да го заштити својот пазар и земјоделците од падот на цените на нивните производи.
Дозволен е транзит на украинско жито низ Полска во други земји.
Според украинското министерство за земјоделство, одлуката донесена во вторник „ќе овозможи забрзување на транзитот преку Полска“