Полска ќе воведе привремени контроли на границите со Германија и Литванија

Во меѓувреме, и германскиот канцелар Фридрих Мерц застана во одбрана на граничните контроли на германските граници.

од desk2
9 прегледи Фотографија: Официјален веб-сајт на премиерот на Полска

Полска од 7 јули ќе воведе привремени контроли на своите граници кон Германија и Литванија, порача денеска полскиот премиер Доналд Туск, среде растечките тензии поради нелегалните миграции во европската зона на слободно движење. Со тоа тој ги потврди вчерашните најави за ваква измена на режимот на границите, ако се утврди дека Германија испраќа нелегални мигранти во Полска. Тој рече дека неговата земја ќе преземе мерки и за спречување нелегални преминувања на границата од Литванија, наведува Политико.

Полска со овој потег се приклучува на 10 други членки на Шенгенскиот договор – меѓу кои и Австрија, Франција, Германија, Италија, Холандија – што ја известија Европската комисија за своите планови повторно да воведат граничнки контроли.

Во меѓувреме, и германскиот канцелар Фридрих Мерц застана во одбрана на граничните контроли на германските граници.

„Ние природно сакаме да ја заштитиме Шенгенската зона, но слободата на движење во Шенгенската зона ќе функционира долгорочно само ако не е злоупотребувана од оние што поттикнуваат нелегални миграција, посебно со шверц на мигранти“, вели Мерц.

Министрите за внатрешни работи на Германија и Полска вчеравечер во долг телефонски разговор разговарале за ситуацијата, појасни германскиот канцелар.

Во одговор на наводите во полските медиуми дека Германија ги враќа барателите на азил во Полска, Мерц рече оти сака да појасни дека Берлин не ги враќа азилантите што веќе пристигнале на германска територија.