Полска на нозе: Граѓаните ја поддржаа ЕУ

од Nikola Popovski
324 прегледи

Повеќе од 100.000 Полјаци синоќа демонстрираа во знак за поддршка на Европската унија.

Политичарите ширум Европа изразија изненадување од пресудата на полскиот Уставен суд во четвртокот, која заклучи дека законите на ЕУ не се совпаѓаат со Уставот на Полска, пишува Ројтерс.

Собири за поддршка се одржаа во повеќе од 100 градови низ Полска и неколку градови во странство.

Меѓу 80.000 и 100.000 луѓе се собраа во главниот град Варшава, веејќи знамиња на Полска и ЕУ, извикувајќи „остануваме“.

Доналд Туск, поранешен претседател на Европскиот совет и лидер на најголемата опозициска партија Граѓанска платформа, рече дека политиката на владејачката партија на „Право и правда“ (ПИС) ја загрозува иднината на Полска во Европа.

„Знаеме зошто сакаат да ја напуштат ЕУ, за да можат неказнето да ги прекршат демократските правила“, рече тој пред Варшавската кралска палата, опкружен со илјадници демонстранти.

ПИС соопшти дека нема планови за „полегзит“.

Поддржувајќи ја одлуката на судот во четвртокот, полскиот премиер Матеуш Моравјецки рече дека секоја земја-членка мора да се третира со почит и дека ЕУ не треба да биде само „групација на еднакви и повеќе еднакви“.

Фото: Małgorzata Tracz