Британскиот премиер Дејвид Камерон го изрази својот став за повторни преговори на односите меѓу Велика Британија и ЕУ за време на состанокот со полскиот колега во Варшава, соопштува АП.
Полскиот премиер Ева Копач изразила приговор да се прават какви и да било промени во договорите на ЕУ, кои можат да ги ограничат правата на полските имигранти во Велика Британија.
За време на средбата полскиот премиер “се прогласи цврсто против решенија кои можат да доведат до дискриминација на Полјаците или други граѓани на ЕУ кои работат легално во Велика Британија”, се истакнува во соопштението на кабинетот на премиерот.
Таа ги заштити еден од основните принципи на единствениот пазар на ЕУ, се додава уште.
По победата на Конзервативната партија на парламентарните избори во Велика Британија на почетокот на месецот Камерон вети дека ќе одржи референдум кој може да јаизвади островската држава од ЕУ на крајот на 2017 година. Тој истакна дека ќе агитира за останување во Унијата, ако победи отстапката од Брисел по прашањето за имигрантите и враќање на дел од суверенитетот на Островот. Камерон сака да ги ограничи социјалните бенефиции за имигрантите.
Овие планови ја загрижија Варшава, бидејќи стотици илјади Полјаци живеат во Велика Британија од пристапувањето на Полска во ЕУ во 2004 година.
Посетата на Камерон во Полска е дел од европската турнеја, која има за цел да му помогне да ја придобие поддршката на евролидерите за промена во договорите на ЕУ. Вчера тој ги посети Холандија и Франција. Следната станица на британскиот премиер е Германија, каде подоцна денеска ќе се сретне со германскиот канцелар Ангела Меркел.
Во соопштението на кабинетот на Камерон се вели дека има области во кои се на единствена позиција со Копач. Се констатира потребата од намалување на бирократскиот апарат и “почитување на суверенитетот на земјите членки”. Потребни се понатамошни дискусии меѓу двете влади во однос на слободното движење и социјалните системи, се дополнува уште.
Камерон не се сретна со новоизбраниот претседател на Полска Анџеј Дуда за време на кратката посета во Варшава.
