Јакуб Кумоч, советник за надворешна политика на полскиот претседател, рече дека земјата најверојатно ќе им дозволи на украинските истражители пристап до местото на експлозијата во југоисточна Полска, каде две лица загинаа во ракетна несреќа.
„Украинците побараа пристап до местото на истрагата. Доколку двете страни се согласат, а колку што знам, нема да има приговори од американската страна, таков пристап би можел наскоро да се добие“, изјави Кумоч, пренесува „Ројтерс“.
Полскиот претседател Анджеј Дуда вчера изјави дека за давање пристап до местото на експлозијата ќе биде потребна согласност од двете земји кои ја водат истрагата, Полска и САД.
Кумоч рече дека Полска има видео доказ за експлозијата.
„Видео материјалите навистина постојат, не би сакал да зборувам за содржината до која имав пристап“, навел Кумоч.