Полскиот министер за земјоделство поднесе оставка по скандалот со украинското жито

од Stefanija Kuzmanovska
155 прегледи

Полскиот вицепремиер и министер за земјоделство Хенрик Ковалчик денеска поднесе оставка во екот на скандалот околу украинското жито, кое наместо во Африка главно заврши во Полска и на пазарите на Европската унија.

„Поднесов оставка од функцијата министер за земјоделство и рурален развој кога видов дека Европската комисија (ЕК) нема да го исполни основното барање на полските фармери. Наместо тоа, ЕК објави предлог за продолжување на бесцаринскиот увоз на жито од Украина за следната година, а тој ќе стапи на сила во јуни годинава“, објасни Ковалчик на прес-конференцијата запрашан зошто поднесува оставка.

Тој ќе остане на функцијата вицепремиер, а новиот министер за земјоделство треба да стане шефот на Комитетот за земјоделство и рурален развој во Сејмот на полскиот парламент, Роберт Телус.

На крајот на март, Ковалчик потпиша договор од 11 точки со претставниците на земјоделците, кои организираа протести низ цела Полска поради украинските житарки и се заканија дека ќе ја окупираат зградата на министерството, од кои првата беше враќање на царинските давачки кои беа укинати од хуманитарни причини.

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки денеска ќе разговара со претседателот на Украина, Владимир Зеленски, како да се спречи украинските житарки да останат во Европската унија наместо да транзитираат низ Полска до пристаништата на Балтикот и оттаму до пазарите во Африка и Азија, како што е договорено.

Слични содржини