Полска во понеделникот го прозва францускиот претседател Емануел Макрон поради разговорите со рускиот лидер Владимир Путин, кого таа го нарече Хитлер за убиствата на цивили во Украина, нагласувајќи дека „со такви не се преговара“.
Украина во неделата ги обвини руските сили за „масакр“ во градот Бучи во близина на Киев. Фотографиите од телата расфрлани низ улиците на градот предизвикаа скандал низ светот, но Русија ги отфрли овие тврдења.
Полска постојано бараше построги санкции против Русија и зголемување на испораките на оружје за Украина, како и за активирање на меѓународен трибунал за истрага за убиството на украинските цивили.
Полскиот премиер Матеуш Моравјецки го критикуваше францускиот претседател на прес-конференција во понеделникот.
„Господине претседателе Макрон, колку пати сте преговарале со Путин, што сте постигнале? Дали прекинавте барем некои од акциите што се случија?“, праша Моравјецки.
„Не треба да се преговара со криминалците, треба да се борите против нив. Никој не преговарал со Хитлер. Дали би преговарале со Хитлер, Сталин, Пол Пот?“, праша полскиот премиер.
Во одговорот, кабинетот на Макрон рече дека е важно претседателот Путин да ги разбере барањата на западните земји и цената што Русија би ја платила доколку ги игнорира тие барања.
Претставник од кабинетот на францускиот претседател рече дека претседателот „од почетокот ги користел сите расположливи средства за да го принуди Путин да ја прекине војната: силни санкции, поддршка за Украина, барања директно упатени до претседателот Путин за време на нивните телефонски разговори“.
Макрон отпатува во Москва и Киев на почетокот на февруари и разговараше со Путин 16 пати од почетокот на годината.
Официјалната резиденција на Макрон соопшти дека позициите на двајцата претседатели во тие разговори се спротивставени, но дека тоа е и можност да се одржи комуникацијата и да се оцени позицијата на Путин.
Претставници на Елисејската палата претходно изјавија дека Путин постапил „параноично“ во разговорите, дека го излажал францускиот претседател и дека Макрон му рекол дека направил сериозна грешка со инвазијата на Украина на 24 февруари.
Путин истакнал дека Русија испратила свои сили во Украина како дел од „специјалната воена операција“ чија цел е демилитаризација и „деназификација“ на земјата.
Украина и Западот веруваат дека војната што ја започна Путин е неиспровоцирана агресија.