Поморскиот хуманитарен коридор за помош на Газа ќе се отвори викендов

Иницијативата предводена од Кипар, наречена „Амалтеа“, е поддржана од западни и арапски партнери, вклучувајќи ги САД и Обединетите Арапски Емирати.

од Бети Божиноска
211 прегледи

Европската Унија го поддржува долгоочекуваниот поморски коридор кој овозможува испорака на помош од Кипар до брегот на Газа, потврди денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за време на посетата на Ларнака, на јужниот брег на Кипар, пренесува „Еуроњуз“.

Поморскиот коридор официјално треба да биде отворен викендов, а првата пилот-операција ќе тргне или во сабота или недела, кога ќе се создадат соодветни услови.

Иницијативата предводена од Кипар, наречена „Амалтеа“, е поддржана од западни и арапски партнери, вклучувајќи ги САД и Обединетите Арапски Емирати. Таа ќе овозможи пораст на испораките на хуманитарна помош кои беа сериозно ограничени поради копнените патишта контролирани од Израел од избувнувањето на војната.

Зборувајќи од Ларнака, Фон дер Лејен рече дека можно е да се разгледаат и понатамошни опции, вклучувајќи достава на хуманитарен товар до Газа со падобрани. ЕУ веќе вети 250 милиони евра помош за Палестинците годинава.

„Поморскиот коридор може навистина да стори многу за апелот на палестинскиот народ, но паралелно ќе продолжат и нашите напори за обезбедување хуманитарна помош преку сите можни рути,“ нагласи таа на заедничката прес-конференција со кипарскиот претседател Никос Христодулидес.

Изјавата на Фон дер Лејен дојде неколку часа откако американскиот претседател Џо Бајден потврди во своето годишно обраќање за состојбата на унијата дека САД ќе изградат пристаниште на крајбрежјето на Газа за да се забрза и зголеми испораката на спасоносната помош.

Планот за отворање поморски коридор во Газа прв го обелодени францускиот претседател Емануел Макрон по самитот на Европскиот совет кон крајот на октомври. Но висок кипарски претставник изјави за „Еуроњуз“ дека планот не се материјализирал додека не интервенирале САД,користејќи ја дипломатската тежина да го убедат Израел да одобри крајбрежјето на Газа да се користи за хуманитарни цели.

Слични содржини