Американскиот државен секретар Мајк Помпео рече дека Косово мора да биде подготвено да ги продолжи преговорите со Србија што е можно поскоро.

„Ја поздравивме одлуката на вашата влада да ги укине сите мерки на реципроцитет за стоки од Србија, што претставуваше клучен чекор за рестартирање на процесот на дијалог“, рече Помпео во писмото до косовскиот премиер Авдулах Хоти, во кое му честиташе за неговиот избор.
Тој во писмото истакна дека Соединетите држави продолжуваат да го поддржуваат Косово „во унапредување на процесот за целосна нормализација на односите со Србија, фокусирана на взаемно признавање“, за кој рече дека е од суштинско значење за Косово во однос на глобалната интеграција и реализирање на целосниот потенцијал. пренесува Танјуг.
Хоти на Твитер ја објави честитката, во која се наведува дека Приштина е решена да работи одблиску и изрази благодарност за, како што рече, „безрезервна поддршка во нормализацијата на односите со Србија, насочена кон меѓусебно признавање“, објави Косово онлајн.
Во писмото, чија содржина ја пренесе кабинетот на Хоти, Помпео, исто така, му честиташе на „мирниот и демократски процес на формирање влада“.
Тој, исто така, ја поздрави заложбата за борба против корупцијата, врвен приоритет на владата на Хоти и вети поддршка за антикорупциски активности, како и други иницијативи насочени кон зголемување на владеењето на правото и зајакнување на демократските институции кои можат „да обезбедат еднаков третман и правда за сите косовски граѓани“.
„Заедно, ќе ја надминеме пандемијата КОВИД 19 и ќе изградиме патека за реализација на косовскиот економски потенцијал. Јас останувам посветен на зајакнување на врските меѓу нашите две земји“, се вели во писмото на Помпео.