Попис напролет, ќе се попишуваат резиденти, нерезиденти и вкупно

од Берта Китинска
328 прегледи

Пописот  не треба да се бојкотира и не треба опозицијата да се заканува, со оглед на тоа што пописот е обврска на граѓаните, вели премиерот Заев.

„И ние треба да се попишеме заради тоа што тоа е наша законска обврска. При попишувањето сите имаме обврска да ги дадеме вистинските податоци кои се бараат од нас. Пописот не се прави на политичките партии или политичарите, туку се прави на граѓаните и треба да го спроведеме како што треба. Со дигитализацијата и достапноста на дата базите, лесно ќе се проверуваат информациите кои граѓаните ги даваат и ќе се комплетира сликата“, рече Заев .

Заев соопшти дека очекува пописот да се спроведе во периодот во кој е замислено, од 1 до 21 април годинава.

-Пописот е обврска и треба да се спрведе затоа што сме единствена држава без попис во Европа, па срамота е да правиме експерименти. Тој што е иселен повеќе од една година се смета дека не е резидент и на пописот ќе пишува дека е иселен повеќе од една година, тој дел е јасно решен и за сите етнички заедници. На пописот ќе се попишуваат резиденти, нерезиденти и вкупно население, рече Заев.

Тој вели дека власта е подготвена да прифати донација од 5.000 апарати за отпечатоци.

– Бараме најмалку 5 илјади апарати за отпечатоци од прст, но како би го направиле тоа со луѓето што не живеат тука, или на децата кои немаат 18 години.  Веќе немаме работна група, туку си има институција за спроведување на пописот, кој е важен за граѓаните “, додаде премиерот.

Во однос на опозцијата која не сака да разбере дека пописот е статистичка, а не политичка операција и најави дека ќе направи нов попис кога ќе дојде на власт, премиерот рече дека тоа можат да го направат по 10 години.

-Нема проблем во 2031 година  ВМРО-ДПМНЕ ќе може да направи попис, ќе видиме тогаш кој ќе биде на власт. Овој попис до 21 април мора законски да биде спроведен.Срамота е по 18 години да немаме попис тој е насушна потреба, наведе Заев.

ВМРО-ДПМНЕ, заедно со другите опозициски партии, имаа повеќе амандмани на Законот за попис, кои мнозинството не ги прифати. Владејачката СДСМ повтори дека „пописот ќе биде спроведен согласно сите стандарди и прописи на ЕВРОСТАТ, целосно усогласено со меѓународните пракси. Со Предлог Законот за попис имаме за цел оваа статистичка операција повеќе никогаш да не се третира како политичко прашање кое ќе зависи од волјата на партиите и партиските лидери, туку како оперативно-статистичко. Наводна загриженост на ВМРО-ДПМНЕ не е ништо друго освен очаен обид оваа статистичка операција да се одложи и дополнително да се политизира. Сите европски и светски стандарди се задоволени“, тврди партијата.

Законот за попис е во собраниска процедура, а на седница се очекува да се најде кон средината на јануари. Во последниот извештај на ЕК беше нотирано дека земјава мора да спроведе попис на населението во текот на оваа година.

Слични содржини