Попис во април

од Берта Китинска
315 прегледи

Собранието го изгласа Законот за попис на населението.

Со 62 гласа „за“ и ниту еден „против“  законот за попис го гласаа пратениците од СДСМ, ДУИ, Беса и коалицијата Алијанса за Албанците-Алтернатива која го обезбеди мнозинството.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не учествуваа во гласањето. Опозицијата пред извесен преиод најави дека по донесувањето на овој закон ќе почне со собирање на најмалку 10.000 граѓански потписи за поднесување на предлог закон за укинување на овој попис.

Наша цел е по најавениот попис на населението во април, следниот попис да биде исклучиво базиран на податоци од регистри, изјави  директорот на Заводот за статистика, Апостол Симевски во емисија на ТВ Телма.

Симевски  смета дека бојкотот на пописот од  опозицијата е најлошата одлука што би можел да ја донесе некој политички субјект посочувајќи оти на тој начин само ќе направи штета, односно „никаква корист за никого“.

– Така ќе останеме и понатаму единствената земја којашто ќе нема податоци од попис, ќе останеме единствената земја којашто нема да може да планира каков било развој од економски, образовен, културен аспект и ќе останеме црната дупка во светот како единствена земја што не го направила тоа и каде што никој нема да не третира како било каков партнер, нема да ни дојде ниту еден инвеститор повеќе во државата за да инвестира, немајќи никаква информација за тоа што нуди овој пазар како официјална работна сила, каков е овој пазар како потрошувачки – изјави директорот на Заводот за статистика.

Околу попишувањето на лицата кои се заминати од државата, Симевски наведе дека тие ќе бидат попишани во посебни категории.

– Луѓето претходно се попишуваа плашајќи се дека ако не запишат нема да добијат државјанство или имотно право во државата, па така свесно даваа погрешни изјави и кажуваа дека тие се во државата и оваа бројка ја оптоваруваа дополнително – рече тој.

Власта уверува дека институциите имаат капацитет да го спроведат пописот како статистичка операција која ќе обезбеди квалитетни и релевантни податоци за долгорочен развој.

Пописот нема да го вклучува странскиот дипломатски персонал и нивните семејства, странскиот воен персонал, членовите на странските институции и невладини организации кои престојуваат во земјава, странски државјани кои за време на пописот се во нашата земја за работа, во приватна посета, лекување, туризам и слично патување.

Пописот ќе се спроведе на седум јазици, македонски, албански, турски, ромски, влашки, српски и босански, односно на  јазикот што го бара лицето кое се попишува.

Пописот ќе се спроведе од 1 до 21 април. Последното пребројување во Македонија е направено во 2002 година.

Слични содржини