Попишуавчите на стартот на пописот наидоа на отоврени врати.
-После 20 години го дочекавме денот да започнеме со најважаната статистичка операција во државата – Пописот на населението, домаќинствата и становите. Посакувам оваа операција да ја завршиме успешно во интерес на сите. Да се приберат доволен фонд на информации за сите граѓани, за станбениот фонд и сите податоци што се важни за државата. Пописот не служи на ниту една политичка партија, ниту на поединци, служи на оние кои треба да го градат развојот на државата, изјави директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски.
Со бојкотирањето на пописот, како што рече, граѓаните прават штета на самите себеси.
– Ова се податоци за вас и за вашите идни поколенија. Следните 10 години кој било да е во државата треба да гради политики за развој врз основа на овие податоци, порача Симовски.
Доколку некое домаќинство побара да биде попишано на мајчиниот јазик, кај него ќе биде испратен таков попишувач. Во принцип, во еден пописен круг треба да бидат опфатени од 100 до 120 домаќинства.
Медиумите, како што најави Симовски, секојдневно ќе бидат информирани за активностите поврзани со Пописот и ќе добиваа дневни информации за активностите реализирани претходниот ден.
Пет илјади попишувачи со поддршка на 500 инструктори и 150 државни инструктори до крајот на септември ќе тропнат на вратите на сите домаќинства да ги приберат податоците за лицата и имотите на домаќинставата.