Само десеттина дена не делат од Пописот на населението, домаќинствата и живеалиштата, по што ќе дознаеме колку жители брои Макеоднија. Ќе се одржи од 5 до 30 септмеври. И ќе трае 26 дена. Се очекува со пописот да се види точната бројка на граѓани. Дали сме еден и пол милион жители или, пак, два. После две декади ќе дознаеме и каков е составот на населението по возраст, образование, миграциски, ќе имаме информации и за економските карактеристики, државјанство, вера, мајчин јазик, но и кои се главните извори на приход на граѓаните, во какви станови и куќи живеат.
До крајот на септември, ќе се попишуваат и нашите државјани кои се во странство. Според директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, до денеска електронското попишување од странство, го искористиле околу 190 500 граѓани.
-Добиените податоци од пописот, Држаниот завод за статистика ќе ги обработи според критериумите дадени во методологијата. По завршуањето на статистичката операција сите податоци ќе бидат споени со главната база која пак, потоа ќе се обработи. Целта е, на крајот да се добијат конечни и точни податоци за нашите граѓани, вели Симовски.
На прашањето на „Локално“ – Што треба граѓаните да знаат кога ќе дојде попишувач на нивната врата?, Симовски вели: само добра волја, документ за идентификација и пет минути од своето време.
– Граѓаните пред се, треба да се идентификуваат со документ на кој ќе биде впишан матичниот број, (лична карта, пасош, возачка дозвола инт.), а потоа да одговорат на прашањата на попишувачот. Ништо повеќе од тоа. Наша работа е по завршувањето на пописот, да ги провериме информаците (идентитетот на лицето, дали дало лажно информации) со базите на податоци . Ако семејството соработува, попишувачот нема да се задржи повеќе од 15 до 20 минути, односно за да се попише едно лице, ќе бидат потребни само пет минути. Нема седење и пиење на кафе, поради ковид протоколите, вели Симовски.
Државниот завод за статистика планираше во спроведувањето на пописот да учествуваат нешто помалу од 6.000 попишувачи. Но, тешко дека оваа бројка ќе биде достигната, бидејќи граѓаните и покрај тоа што огласот беше продолжен три пати, не се пријавија во посакуваниот број.
И додека земјите во регинот, Балканот, Европа и пошироко, ги имаат податоците за своите жители, Македонија речиси 20 години го нема пребројано населението. На последниот попис спроведен во 2002 година бројот на вкупното население изнесуваше 2.022.547 граѓани од кои 50,20% беа мажи и 49,80% жени.
Пописот кој ќе се спроведе оваа 2021 година, ќе биде во услови на пандемија предизвикана од ковид 19. Поради зголемувањето на бројот на заразени граѓани, во последно време најчесто поставувано прашање меѓу граѓаните е – Како да се спроведе попис со минимален ризик? Симовски вели „многу едноставно“, со почитување на сите протоколи кои се пропишани и донесени од Владата, а се на предлог на Комисија за заразни болести.
-Тоа значи дека попишувачот мора постојано да носи маска и да има средство за дезинфекција. Ние, како ДЗС немаме законска обврска од попишувачите да бараме вакцинален сертификат. Ако има луѓе од ризик во домаќинството, подобро би било да ги има во друга просторија, додека друг член на домаќинството дава информации за нив, а во руралните области пописот може да се направи на отворено, во дворот, за да се намали ризикот на инфекција особено ако членовите на домаќинството не се вакцинирани, вели Симовски.
Според Симовски, сепак е важно да имаме попис од кој ќе се добијат точни податоци, бидејќи така ќе добиеме база на население која ќе се користи за управување со земјата, за креирање образовни, социјални, здравствени и развојни политики.
Инаку првиот современ попис на територијата на Република Македонија е спроведен во 1921 година. По Втората светска војна, во Република Македонија се спроведени 8 пописи: 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991 и 1994 и 2002 година. Пописот во 1991 година беше со нецелосен опфат и затоа во 1994 година повторно е спроведен попис во истата декада. Пописот во 1994 година е прв попис во Република Македонија по нејзиното осамостојување. Пописот во 2002 година е последниот спроведен попис во Република Македонија. Имаме и еден пропаднат попис во 2011 година.
Б.Т.