Поранешниот шеф на македонската дипломатија, Никола Попоски смета дека суштината на францускиот предлог-преговарачка рамка за преговорите на С. Македонија со ЕУ е бугарско барање.
-Сите предлози се всушност бугарски барања, преточени со дипломатски речник за да изгледаат пофино и со еден убав наслов француски предлог. Тоа е првата база на оваа проблематика. Вториот аспект дали ќе имаме други, би се вртеле околу ова. Суштината на позиција за почнување на преговори се формира помеѓу земјите-членки, најчесто таа земја која има најголем интерес, ги дефинира барањата. Ние во моментов имаме бугаризација на европската перспектива на Македонија. Во оваа ситуација, не е земи или остави, туку земи. Еве ви го напишавме, вие треба само формата да ја обезбедите во која го прифаќате, а таа ќе биде некаква комбинација во Собранието дека имало демократски процес, изјави поранешниот МНР.
Верува дека премиерот Ковачевски бил искрен во Брисел кога кажал „ова не можам да го прифатам“ и ги даде аргументи зошто ова не може да го прифати и тие биле доста солидни.
– Суштински ништо не е сменето во предлогот. Тоа што некаде сме спомнале Протокол, некаде Договор, ништо суштинско не менува. Во иднина ќе има некаква група во позадина во која ќе се состануваат Бугари и Македонци и во која Бугарите ќе диктираат што треба да се исполнува. Тоа ќе биде првиот предуслов поважен од сите останати за напредок на Македонија во ЕУ, рече Попоски во емисијата „Трилинг“.