Најголемиот број од македонските институции постојат „ради реда“. Седат ништо не работат, земаат плата и чекаат да помине времето. МКЦ Скопје го нарушува тоа правило, ја ништи таа комоција на нашата граѓанска мрзоволност. МКЦ е функционална институција и тоа навистина им пречи на многумина. Оттаму и тенденцијата да ја уништат, вели во интервју за НОВА, Мирко Попов.
Спонтан е нагонот на актуелната градска власт, според него, да го збрише ова јадро на младинска, општествена, креативна и уметничка слобода.
-Да се уништи се што е пристојно во градов и земјава и да се стави под коруптивна контрола. Да нема бранување, особено не позитивно. Да скапеме во мизеријата на криминалниот поредок. Тоа е планот. Од друга страна имаме прекрасна млада генерација која стои како жив ѕид пред налетот тоа лудило. Рамо до рамо со нив и целата алтернативна уметничка сцена на овој град, знаете, оние обесправени, омаловажени, брутално непочитувани и ефтино платени креатори на современата македонска жива култура. Ситуација НИЕ ПРОТИВ НИВ: повторно и повторно. Историјата ќе оцени и процени и верувајте ми, ќе биде немилосрдна, истакна Попов.