Поповолна оценка за економската состојба на фирмите од преработувачката индустрија за октомври во однос на септември годинава, како и во однос на октомври лани, изнеле раководителите на фирмите од оваа дејност, но се очекува бројот на вработени да се намали, објави денеска Државниот завод за статистика.
Според оценката на раководителите, индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во октомври годинава е зголемен за 0,1 проценти во однос на септември годинава и изнесува 20,7, а во однос на октомври лани е зголемен за 2,3 отсто.
Состојбата на обезбеденоста на производството со порачки во октомври во однос на септември годинава е поневолна, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се поповолни во однос на претходниот месец, а залихите на готовите производи се намалени во однос на септември годинава.
Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во октомври годинава изнесува 68,4 проценти од нормалното искористување.
Најголемо влијание на ограничувањето на обемот на производството имаат недостигот на квалификувана работна сила со 28,6 проценти, недоволната домашна побарувачка со 16,1 отсто, недоволната странска побарувачка со 15,4 отсто и неизвесното економско опкружување со 10,2 отсто.