Попоски: Во јака ЕУ нема простор за слаби држави, затоа мора радикално да се менуваме

од Берта Китинска
1,K прегледи

Кај старите членки на Унијата има замор од проширување. Според нив, имаат проблеми со новите членки внатре и уште повеќе со зголемена конкуренција во светот. Сите знаат дека само јака ЕУ може да е фактор. А во јака ЕУ нема простор за слаби држави. Затоа мора радикално да се менуваме. Да се однесуваме како да сме веќе во ЕУ, вели во разговор за „Локално“, поранешниот пратеник и министер за надворешни работи од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Попоски.

Тој вели дека најважно е кај нас да не се појави замор ,зошто сме многу назад со работата.

-Ќе бидеме глупави ако само плачеме дека требало да не примат за да ни ги решеле проблемите. Не само што тоа не помага, туку и така правиме да не сме посакувани да не примат. Кој нормален германски, француски или шведски граѓанин сака брзо да прими во ЕУ некоја територија која труе свое население со забрането гориво, а нема ни здрава стратегија за урбанизација на главен град во 2021-ва година? Треба ли да очекуваме дека ќе работат спротивно на нивниот интерес за да не усреќат? Тоа е наивно, објаснува Попоски.

Според него не е важно колку поглавија сме отвориле, туку  битно е колку може ЕУ да има доверба во нашите институции.

Во заклучокот на самитот Брно-Бриони земјите учесници не успеаја да се договорат за „бетонирање“ на границите на Западен Балкан. Во овој став најцврст беше претседателот на Србиј, Александар Вучиќ. Иако ова е регионален Самит без учество на главните светски сили и ЕУ, дали е ова некаква порака дека во иднина сепак се можни промени на границите?

Не изгледа така. За можна промена на границите на Балкан не решаваат локални лидери. Можеби за среќа на сите. Граници се менуваат со договор или со војна. За самостојно да договараат нови признати граници, нема капацитет. Војна денес никој нормален не посакува. Во Европа никогаш промена на граници не била ограничена на само две страни, освен можеби разделбата на Чешка и Словачка. Оттука самото отварање на дискусија за граници влева нестабилност. Во суштина балканските проблеми се решаваат само со намалено значење на границите, преку интеграција во остатокот од Европа.

Единствено што сите се согласија е брзото проширување на ЕУ на цел Западен Балкан, но во последниов период се повеќе гледаме умор кај земјите аспиранти од проширувањето поради бројните услови, кои според некои и немаат врска со самиот пат кон Унијата. Сметате ли дека по самитот ќе се интезивираат процесите во однос на евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан? 

Замор од проширување нормално е да има кај старите членки на ЕУ.

Тоа и не е толку страшно. Поважно е дека замор кај нас не смее никако да има. Зошто сме многу назад со работата. Ќе бидеме глупави ако само плачеме дека требало да не примат за да ни ги решеле проблемите. Не само што тоа не помага, туку и така правиме да не сме посакувани да не примат. Кој нормален германски, француски или шведски граѓанин сака брзо да прими во ЕУ некоја територија која труе свое население со забрането гориво, а нема ни здрава стратегија за урбанизација на главен град во 2021-ва година? Треба ли да очекуваме дека ќе работат спротивно на нивниот интерес за да не усреќат? Тоа е наивно.

Треба ли поголем ангажман, според вас, на САД и ЕУ во обидот да се интегрира регионот?

САД се најангажирани за интеграција на Балканот во ЕУ. Но тие не гласаат на Совет на ЕУ. Кај старите членки на Унијата има замор од проширување. Според нив, имаат проблеми со новите членки внатре и уште повеќе со зголемена конкуренција во светот. Сите знаат дека само јака ЕУ може да е фактор. А во јака ЕУ нема простор за слаби држави. Затоа мора радикално да се менуваме. Да се однесуваме како да сме веќе во ЕУ.

Еве во пракса како изгледа тоа:

ЕУ носи регулатива за забрана на опасни горива, ние треба веднаш истата да ја пренесеме во нашиот правен систем. Спротивно на тоа, кај нас не носиме ограничување за опасното гориво. Тоа не е апел за побрзо да не примат. Тоа е сигнал дека сме опасни по околина и за самите себе. Така е во многу области. А за ова никој не ни е крив. Кога ќе подсредиме по дома и покажеме капацитет, големите во ЕУ ќе дејствуваат во насока на решенија. Сега се лабави.

Претседателот Пендаровски нагласи дека темпото на проширувањето е во очигледна криза, а некои експерти кај нас коментираат дека ЕУ седела со скрстени раце во однос на однесувањето на Бугарија кон земјава.. Северна Македонија и Албанија на самитот во јуни очекуваат одлука за старт на преговорите со Унијата. Можен ли е ваков исход со оглед на бугарските барања кон Скопје но и поради немањето влада во Софија, која ја очекуваат нови избори во јули?

Сега Бугарија со изборите е комотен изговор за сите. Во суштина, сами не би не блокирале, ако сите други се запнати за тоа да почнеме. Особено не за почеток на преговори. Тоа е банално прашање кое ни го должат барем 10-тина години. Кога ќе стане приоритет, ќе најдат решение во заклучокот за почеток на преговорите. Никому не се брза.За тоа дали би не одвојувале, трендот е спротивен. Не само Македонија и Албанија, туку и Србија и Црна Гора се ставаат заедно со новиот пристап. Последните две имаат почнато преговори. Како се менува пристапот, така ќе се менуваат и нивните преговори. Многумина сметаат дека формално пребрзо се напредува кон членство. Но суштината на заеднички Европски простор каде владее правото, е потиснато во последен план. Затоа и се трудат да ги вратат работите на основни принципи. Не е важно колку поглавија сте отвориле. Битно е колку може ЕУ да има доверба во нашите институции. Сега не може да имаат доверба ни за тоа што гориме во нашите болници, не пак за нешто што би ги тангирало нив.

Иако Брисел негираше таква можност, што би значело за земјава евентуалното одвојување од Албанија и започнување на преговорите само со нашиот сосед?

Нема некоја придобивка од тоа за никој. Дури ни за Албанија. Секако ќе одиме како регион во ЕУ, зошто сите имаме многу работа до членство.Можеби само власта би добила причина за предвремени избори, со оглед дека тоа би било тежок удар за тоа до сега што ветуваа.

„Европското проширување кон Западниот Балкан е во застој од различни причини и тие причини не се само во регионот, има добар дел од нив и во Брисел, меѓутоа факт е дека потребен е нов поттик на евроинтеграциите. Во спротивно, некои други алтернативни модели на владеење и некои други регионални организации кои не се од Европскиот континент ќе добиваат на значење“, изјави Пендаровски вчера непосредно по завршувањето на Самитот во Словенија, очигледно мислејќи на Турција, Русија и Кина. Колку овие земји ќе бидат фактор во иднина и дали ЕУ и Западот ја изгубија гео-политичка битка за Балканот?

-Не е паметно воопшто да ги плашиме во Брисел дека ако не не примат одма, некој друг ќе не земе. Не пијат нафта таму. Знаат дека нема каде да одиме, нити пак имаме бројни понуди за меден месец, па сега размислуваме која да ја одбереме. Пендаровски може само да го прашаат каков алтернарнативен модел предлага.

За нас сега и во оваа форма, природно припаѓаме кон Европското семејство. Многу сме далеку од топ форма за да се бори било кој за нас. Интересите на Кина, Русија, па дури и Турција се светски и не надминуваат од далеку. Нивната борба за влијание е многу позначајна во повеќе сегашни членки на ЕУ и натпреварот е на теренот на ЕУ, како најпривлечен пазар.Ако мислиме дека ги заплашуваме, само им потврдуваме дека не сме подготвени за членство во ЕУ. Наша работа е да се средиме внатре. За почеток мазутот-трујач, урбанистичкиот план на Скопје и бетонот во Охрид ако ги средиме веднаш како што се во ЕУ, на коњ сме. А ова можеме, ако сакаме, без никој. И е далеку побитно од тоа која среда или петок ќе донесат заклучок во Брисел.

Б.М.

Слични содржини