Претседателот на Република Српска, Милорад Додик изјавил дека ентитетот уредно ќе ги подмири своите обврски и најверојатно нема да банкротира.
Наводите за банкрот на РС, тврди Додик, ги измислиле опозицијата и „фантастични мислители“ чија „главна идеја е како да се отстрани Додик“, но дека се додека народот го избира, тие ќе се борат за интересите на таа нација, пренесува „Н1 БиХ“, повикувајќи се на агенцијата „Срна“.
Додик истакнал дека со години луѓето слушаат приказни за распадот на Република Српска, но се докажало дека тоа не е вистина.
„Никој не вели дека денес е лесно и дека сè тече со мед и млеко, воопшто не е лесно, секако е тешко. Така е на глобалната сцена, но никој од опозицијата нема да го каже тоа освен вие што го забележувате. Ќе речат не ни е гајле, овде ни е важно. Не можеме да бидеме изолирани, но не кукаме поради тоа. Германија ќе банкротира порано од Република Српска, колку и да е тоа смешно за нив“, потенцирал Додик.
Тој додал дека утрово разговарал со германски бизнисмен кој се обидува да ги експлоатира своите производи од Германија и бара начин да изгради нова фабрика во РС.
„Кога е толку лошо во РС, зошто доаѓаат, навистина не разбирам“, прашал Додик.
Додал дека веќе се резервирани средства за пензијата да се исплати пред Божиќ следната година.