Ерик Дејн, ѕвездата на „Еуфорија“ и „Вовед во анатомија“, гостуваше во „Armchair Podcast“, за време на кој откри зошто точно бил исфрлен од „Вовед во анатомија“, пренесува „Холивуд репортер“.
Во серијата Дејн го играше пластичниот хирург д-р Марк Слоун, попознат по прекарот МекСтими. Слоун беше најдобар пријател со д-р Дерек Шеферд, но нивното пријателство се распадна откако Слоун започна афера со сопругата на Дерек, Адисон.
Слоун првпат се појави на крајот на втората сезона, кога гостуваше, но ги воодушеви гледачите, поради што продуцентите решија да го додадат во постојаната екипа во третата сезона на серијата. Слоун стана миленик на фановите со текот на годините, но неговата приказна заврши на почетокот на деветтата сезона, кога почина од повреди здобиени во авионска несреќа.
Дејн накратко се врати во улогата на Марк Слоун во 17-та сезона на популарната медицинска серија, бидејќи неговиот лик се појави во сонот на протагонистката Мередит Греј.
Актерот во поткастот откри дека напуштањето на серијата не е негова одлука и дека отказот дошол затоа што се променил како личност.
„Мислам дека ме отпуштија“, рекол актерот, објаснувајќи дека тогаш се борел со зависности. „Не ме отпуштија поради тоа, но дефинитивно не помогна. Како и повеќето актери кои поминаа многу време на шоу, станав прескап за радиодифузерот. Телевизијата знае дека шоуто ќе биде исто успешно, без разлика кој ќе одлучат да го задржат, додека ја имаат својата Греј, ќе бидат добро“.
„Не бев истиот човек, како кога ми ја дадоа работата, па разбрав кога ме отпуштија“, продолжи тој. „И Шонда Рајмс беше навистина прекрасна. Таа жестоко нè заштитуваше. Нè бранеше јавно. Нè бранеше приватно… Но, веројатно добив отказ. Тие не рекоа директно „Ти си отпуштен“, тие само рекоа. „Не се враќаш повеќе“.
Актерот објасни дека за време на снимањето на „Вовед во анатомија“ бил зависен од апчиња против болки и страдал од депресија. Поради сите проблеми со кои се справувал, првично не сакал да признае дека добил отказ, туку се однесувал како заминувањето од шоуто да е негова одлука.
Дејн моментално глуми во хит серијата на HBO „Еуфорија“, а оваа година може да го видиме и во филмот Bad Boys: Ride or Die.