ПОРАДИ БИБЛИСКИ ЦИТАТ НА ВОЗИЛОТО, таксист казнет во Германија со 90 евра

од Vladimir Zorba

Градските власти во Есен казниле таксист затоа што имал библиски цитат на задниот прозорец на неговото такси. Џалил Машали, христијанин од Иран, кој живее во Германија веќе 22 години, мора да плати казна од 88,50 евра поради цитатот „Исус: Јас сум патот, вистината и животот“.

Врз основа на Правилникот за бизнисот на компаниите за моторни возила во патничкиот сообраќај (БОКрафт), налепницата со библискиот цитат беше класифицирана од властите како нелегално религиозно рекламирање.

Според локалните медиуми, властите го предупредиле Машали на библискиот стих минатиот октомври и побарале од него да го отстрани.

По изречената глоба, таксистот поднел жалба.

– Исус е најдоброто нешто што можам да го препорачам некому затоа што ми го промени животот. Затоа сакам да ја оставам налепницата со библиски цитат на моето такси за да можат сите заинтересирани да ја видат, рече Машали, цитиран од „Феникс магазин“.

Не сака да прави проблеми, но е убеден дека ништо лошо не направил.

– Благодарен сум што живеам во оваа земја во која секој треба да има слобода да зборува за својата религија. Се надевам дека ќе продолжам така, изјави Џалил Машали.

Слични содржини