Летонската влада ја продолжи вонредната состојба во земјата до 10 февруари следната година. Како и досега, таа е во сила во четири окрузи на југот на земјата погодени од илегалната имиграција. На граничарите таму ќе им биде дозволено да ги вратат мигрантите кои илегално влегле во Летонија од Белорусија, пренесува агенцијата „ДПА“
Вонредната состојба таму беше воведена на 11 август за период од три месеци. Оттогаш, речиси 1.800 мигранти се запрени додека се обидувале илегално да ја преминат границата, според Министерството за внатрешни работи. Владите на Летонија, Литванија и Полска го обвинуваат белорускиот претседател Александар Лукашенко дека намерно го организирал протокот на мигранти од земјите погодени од криза до надворешните граници на ЕУ.
Летонија одговори со засилување на граничната служба и со изградба на ѕид долг стотици километри долж границата. Спирали од бодликава жица сега се поставуваат во различни сектори на границата. Опреацијата треба да заврши кон средината на следниот месец, соопшти Министерството за внатрешни работи.