Поради новинар, Лукашенко присилно принуди патнички авион на Рајанер да слета во Минск!

од Vladimir Zorba
335 прегледи

Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, нареди присилно слетување на авион на Рајанер во Минск, во кој патуваше познат опозициски новинар, Роман Проташевич.

Во извештајот на Ројтерс се наведува дека Лукашенко лично наредил авион на белоруското воено воздухопловство да го придружува Рајанер до аеродромот во Минск.

Проташевич, кој беше на листата на барани од белоруските власти по минатогодишните масовни протести организирани поради контроверзната изборна победа на Лукашенко, беше уапсен по денешното слетување на аеродромот во Минск.

Министерството за внатрешни работи на Белорусија го потврди приведувањето на Роман Проташевич, коосновач на каналот „Некста Телеграм“, означен како екстремист во Белорусија.

Проташевич патувал со авион на Рајанер од Атина до Вилнус, авионот принудно слетал во Минск поради наводно предупредување за бомба, но специјалните служби не ја откриле експлозивната направа, објави претходно ТАСС.

Сепак, претставникот на литванските аеродроми, Лина Бејсиен денес изјави дека авионот принудно слетал поради конфликт меѓу патник и член на екипажот и додаде дека Литванскиот орган за цивилно воздухопловство нема информации за бомба во леталото.

На 20 октомври 2020 година, Врховниот суд на Белорусија го означи каналот на Проташевич како екстремистички и ги обвини неговиот основач Степан Путило и главниот уредник Роман Проташевич за организирање бунт и поттикнување омраза.

Во февруари оваа година, Белорусија испрати барање до Полска за екстрадиција на Путило и Проташевич, а службата за државна безбедност ги стави на списокот на лица вклучени во терористички активности.

Според белорускиот закон, Путило и Проташевич би можеле да бидат осудени на казна затвор до 15 години.