Урнатини од куќи на селото Калиja во централна Грција, до неодамна потопени во вештачко езеро, повторно се појавија за време на силна суша поради падот на нивото на езерото, главниот резервоар со вода за Атина.
Во вештачкото езеро Морнос, на 200 километри западно од главниот град, во последните месеци има 30 отсто помалку вода во споредба со лани, покажуваат податоците на водоводното претпријатие ЕЈДАП.
Оние кои живеат покрај езерото можат само да гледаат што се случува. Така, Јоргос Јосифидис, пензионер кој живее над поранешното село Калија, изјави дека нивото на Морноското Езеро паднало за 40 метри.
Како и повеќето локални жители, шеесетгодишниот маж морал да ја напушти својата куќа на крајот на 1970-тите кога била изградена браната што го создала езерото Морнос.
Речиси 80 куќи од селото, црква, основно училиште беа потопени за да се обезбеди водоснабдување за Атина.
Денеска поради падот на нивото на езерото кое го исполнуваат блиските реки Морнос и Евинос повторно се појавија урнатини од куќи.
„Се гледа и приземјето што остана од двокатницата на свекор ми, а до него е куќата на моите роднини“, вели Јосифидис.
Годинава се влоши сушата во Грција, по најблагата зима забележана досега во Грција, во јуни и јули беа срушени топлинските рекорди.
Селото вторпат се појавува, а првиот пат беше за време на сушата на почетокот на 90-тите години, се сеќава Јосифидис.
„Ако наскоро не врне дожд, нивото на водата ќе се намали уште повеќе и проблемот ќе биде посериозен од тогаш“, додаде тој.