Безбедносните сили на Јужен Судан уапсија шест новинари поради вирално видео на кое претседателот на земјата уринира на себе. На видеото снимено за време на официјалната церемонија се гледа како Салва Кир стои додека се пее националната химна.
Отпрвин не знае дека по панталоните му се појавува дамка, која се претвора во локва под неговите стапала. Камерата што снима сè брзо се префрла на друга снимка додека Кир и неговата придружба сфаќаат што се случило.
Комитетот за заштита на новинарите во петокот соопшти дека шестмина новинари на државната телевизија се приведени под сомнение дека неовластено ја објавиле снимката. Тие се директорот на режија Џовала Томбе, снимателите и техничари Виктор Лад и Мустафа Осман, снимателите Џозеф Оливер и Џејкоб Бенџамин и режисерот техничар Чербек Рубен.
African leaders should obey old age. Cde Salva Kiir, the president of South Sudan, is captured on video wetting trousers in a national function attended by diplomats. pic.twitter.com/9lHv3iOYJX
— Abdulahi Adan (@AbdulahiAdan10) December 14, 2022
Претставникот на Комитетот за заштита на новинарите од Субсахарска Африка, Мутоки Мумо, рече: „Властите треба безусловно да ги ослободат шестемина вработени во SSBC (државната телевизија) и да гарантираат дека тие можат да продолжат со својата работа без страв од апсење“.
Синдикатот на новинарите на Јужен Судан повика на брз прекин на истрагата. Независниот информативен портал „Sudans Post“ објави дека полицијата трага по новинарот кој го снимил инцидентот. Од државната телевизија, пак, велат дека тие не ја емитувале снимката, пишува „Гардијан“.
Видеото стана вирално на социјалните мрежи минатиот месец и го доведе во прашање здравјето и способноста на 71-годишниот претседател да ја води нацијата. Но, се појави и прашањето за етиката во врска со објавувањето на ваквите снимки.
Кир владее со Јужен Судан од 2011 година и оттогаш не се одржани избори.