Пораки и совети на психолози: Можеше ли да се спречи масакрот и трагедијата во Белград?

од Nikola Popovski
922 прегледи

Од достапните информации се дознава дека се работи за момче во рана адолесцентна возраст, што претставува развоен период на значителни физички, социјални и психолошки промени. Тоа е периодот кога младите започнуваат да го оформуваат концептот за себе, припадноста во средината и ја развиваат независноста, вели за „Локално“ Иво Куновски, кој e клинички психолог и специјалист по медицинска психологија во однос на масакрот во Белград.

Според него, за профилот на 13-годишникот кој ги застрела жртвите, едни од очекуваните промени се новите релации кои младите ги развиваат со врсниците и ги прошируваат социјалните контакти, надвор од семејството, и се зголемува притисокот за поединците да се конформираат на очекувањата на групите кои ги сметат за важни.

-Исто така, адолесценцијата е период на зачестени промени во расположението, зголемена сензитивност и постепен развој на капацитетите за апстрактно мислење, што овозможува интерпретирање на информациите и настаните од една поширока перспектива. Но, ова е период и на бројни фактори на ризик кои влијаат на менталното здравје на младите, вели Куновски и додава:

Иво Куновски

-На пример, може да се случи да раните негативни искуства во детството повторно да се обработуваат во овој период, а семејните и родителските односи (особено дисфункционалните) и изложеноста на врсничко насилство негативно да влијаат врз менталното здравје на младите. Заради тоа, периодот на адолесценција е доста ранлива фаза кога зборуваме за менталните нарушувања. Во конкретниот случај, претпоставувам дека се работи за момче кое растело во семејна средина каде се нормализирало користењето огнено оружје и можеби се поткрепувало агресивното однесување како прифатлив начин на справување со закана, неправда или разочарување. Од друга страна, момчето можеби отежнато се приспособувало во социјалната средина со врсниците и не успевало да ги исполни очекувања на средината, што може да придонесе кон зголемена фрустрираност, растечка лутина, желба за одмазда и потенцијален развој на ментално заболување со нарушена способност за расудување и слаба контрола на импулсите, порачува психологот.

Заради целата комплексност и важност на менталното здравје кај младите, истакнува Куновски, потребен е и зголемен фокус на програми за промоција и превенција во различните општествени сектори, особено оние насочени кон децата и адолесцентите, кои меѓу другото вклучуваат зајакнување позитивни родителски вештини, дестигматизирање на различните доживувања и искуства, моделирањето и учењето позитивни социјални вештини и вештини за справување со проблеми и јакнењето на капацитетите на сите поединци кои стапуваат во контакт со оваа популација.

-Скорешниот настан е еден трагичен исклучок и моите мисли се со семејствата и блиските на сите кои за голема жал го искусија тоа, рече психологот.

Од друга страна, психологот Бојана Петровска смета дека е ова општествен сериозен проблем кој бара системско решение и изготвување на стратегија која ќе ги заштити децата.

-Моментално барем од оние информации кои јас ги имам проследено уште нема официјално вештачење кои би соопштило дали детето имало проблем или пак станува збор за посериозен проблем од аспект на ментално здравје. Моментално постојат информации кои не се потврдени, дека станува збор за меѓуврсничко насилство кое траело неколку години по ред и дека истото било пријавувано во училиштето. Ваквите ситуации никого не можат да остават рамнодушен и сосема е нормално да сакаме побрзо да го  најдеме виновникот и да го покажеме со прст, вели Стојменовиќ за „Локално“.

Психологот наведува дека изминатите години имаше бројни прекрасни работилници од нејзини колешки и колеги и сериозно се вложуваат во однос на заштита и превенција на нивното ментално здравје, но од другата страна се наоѓа се она кое дополнително се пласира.

-Платформите се преполни со насилство, серии и филмови кои имаат насилна содржина се гледаат без знаење или надзор од возрасен, песните кои моментално се актуелни се со насилна содржина… Некако се се сведува на еден магичен круг, каде не можеме да впериме прст и да кажеме кој прв почна, а следсвтено на тоа ниту пак да заклучиме од каде на едно дете од 14 години идеја дека на овој начин се решаваат проблемите, порачува Стојменовиќ.

Соговорничката верува дека на 13-годишникот ќе му се пружи потребната заштита и нега.

Бојана Стојменовиќ

-Неговата постапка се надевам дека повеќето ќе ја видиме како вресок на загубени вредности во општвеството. И тој од некој поразличен аспект е жртва, вели Стојменовиќ и додава:

-Работам со деца на оваа возраст, но досега не сум имала искуство со млад човек кој планира или посакува да изврши насилство од овој тип. Работам многу со децата кои се соочуваат во меѓуврсничко насилство и од моето искуство можам да споделам дека училиштата (со чест на исклучоци) не се подготвени да се носат со овој проблем. Да можам да проговорам во името на децата со кои работам и да споделам со што се соочуваат на училиште и надвор од него, цела Македонија ќе занеме. Секогаш се залагам дека овој проблем мора да изнајде системско решение вклучувајќи ги родителите, училиштето, и општеството, укажува психологот.

На прашањето која е најголемата порака која како психолог може да ја испрати до јавноста и родителите по овој случај, Стојменовиќ ни рече: „Почнете од дома. Денес кога ќе си дојдат од училиште прашајте ги како си го поминале денот, а не која оцена ја добиле. Разговарајте со нив. Гушнете ги. Прашајте зошто денес не јаделе на одмор. Или зошто веќе не го спомнуваат најдобриот другар. Зошто често имаат болки во стомакот и не сакаат да одат на училиште. Или зошто бегаат од часови. Од домот се почнува“.

Истакнува дека статусов можеби повеќе беше насочен кон родителите и повикот кон нивната одговорност и должност, но тука не се намалува ниту одговорноста на училиштето, наставниците и сите други возрасни лица инволвирани во животот на децата.

Да потсетиме, девет лица загинаа во престрелката што се случи пред два дена околу осум часот во основното училиште „Владислав Рибникар“ во белградската општина Врачар. Меѓу жртвите има и деца, како и училишен чувар, додека шест деца и една наставничка се ранети и се уште се во болница. Поради пукањето уапсен е ученикот Коста Кецмановиќ.

Н.П.

Слични содржини