Поранешниот британски премиер Џон Мејџор ја критикуваше серијата на Нетфликс „The Crown“, чиј петти дел ќе започне да се прикажува на 9 ноември, нарекувајќи ја „куп глупости“.
Биографите и коментаторите на кралското семејство веќе остро ја критикуваат новата сезона, која излегува два месеца по смртта на кралицата Елизабета Втора.
Новите епизоди се критикувани дека содржат низа невистини и дека му наштетуваат на угледот на тогашниот принц Чарлс, кој во меѓувреме стана крал.
Како што пишува британскиот печат, во петтата сезона ќе се зборува за Чарлс, кој додека бил принц од Велс прави заговор за соборување на кралицата. Медиумите претпоставуваат дека ќе вклучува разговори во кои Чарлс го притиска Џон Мејџор да ја принуди неговата мајка да абдицира.
Опкружувањето на поранешниот конзервативен премиер, кој беше на власт од 1990 до 1997 година, објави соопштение во кое се нагласува дека се работи за „чиста измислица“.
„Сер Џон и принцот од Велс никогаш не разговарале за абдицирањето на кралицата Елизабета Втора. Џон Мејџор во никој случај не соработувал со споменатата серија. Никој не му пришол да ги провери фактите во сценариото на серијата“, се вели во соопштението.
„Ако сцените се навистина онакви какви што ги опишуваат медиумите, треба да се гледаат исклучиво како штетна и злонамерна измислица. Тоа ќе бидат куп глупости што се пренесуваат заради драматизација, што е целосно невистинито“.
Продуцентите ги отфрлаат ваквите критики и истакнуваат дека „серијата секогаш ја најавувале како фикција базирана на историски настани“.