Поранешен директор на ЦУК за „Локално“: Идејата за специјална единица за справување со пожарите датира уште пред 13-тина години во координација со НАТО државите од регионот

од Nikola Popovski
348 прегледи

 

Со високите летни температури расте бројот на пожари, а македонските институции секое лето кубурат со кадар и ресурси за справување со нив. Истата ситуација се случува и оваа година, па оттамукако да решија да се разбудат надлежните. Системот за управување со кризи е руиниран, призна Управувачкиот комитет за кризи, кој донесе итна одлука за негова обнова. За ваквата состојба, директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов вели дека предупредувал со години, но претходната Влада била глува на апелите. Поради немање волја да се ангажираат пилоти, „ер-тракторите“ две години останале во гаража. Ангелов предлага да се формира специјална интервентна единица за да не се повторат грешките.

Поради катастрофалната состојба во која се наоѓа јавното претпријатие „Национални шуми“, Управувачкиот комитет одобри претпријатието да добие 15 тони гориво од државните резерви. Дополнително, на вработените ќе им бидат исплатени трите заостанати плати, рече министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски кој најави системски реформи. Според него, најчеста причина за пожарите е човечкиот фактор.

(Не)научена лекција од пожарите

Беше соопштено дека во Центарот за управување со кризи, како и во Дирекцијата за заштита и спасување има превработеност на позиции каде што нема потреба. Ангелов посочи и дека во одредени подружници на ЦУК во други градови се вработени многу луѓе, но недостасуваат, како што рече, онаму каде што треба. Оттаму се смета дека со спојувањето на ЦУК и ДЗС би се добила нова функционална институција која ќе ги обедини постоечките и ќе претставува формирање на специјално тело коешто би имало и материјални и кадровски капацитети да се справува со вакви кризи во иднина.

Зулфи Адили

За тоа зошто не е научена лекцијата од минатото и што се чека толку време за справување со пожарите, поранешниот директор на ЦУК, Зулфи Адили кој раководеше со функцијата од 2011 до 2014 година, во разговор за „Локално“ вели дека во принцип, уште додека бил на чело на Центарот, имал слични предлози затоа што и тогаш имаше, како што истакнува, проблем со системот за управување со кризи.

-Уште тогаш јас имав предлог да се спојат ДЗС и ЦУК и да има измени во делот од законот за управување со кризи, но не беа прифатени од тогашната влада, посочува Адили.

Според него, комуникацијата помеѓу институциите што се дел од системот за управување со кризи треба да биде поефикасна, за која вели дека сега не е случај.

-Противпожарните бригади се под локалната власт и се отежнува ефикасноста. Идејата за да има специјална единица за брзо дејствување е од мое време, во координација со НАТО државите од регионот, информира Адили.

Дециден е дека уште тогаш се имало стратешки план во ЦУК и се било опфатено со него, но не дошло до реакција поради немањето поддршка од тогашната Влада.

Во пожарите што ја зафатија државата во последните три години изгореа десетици илјади хектари шума. Во 2020-та година, штетата е проценета на 21 милион евра, во 2021 година – 38 милиони евра, додека за 2022 година, нешто помалку од два милиони евра. Во период од три години, штетите од пожарите достигнаа 61 милион евра.

Од ЈП „Национални шуми“ во наредниот период најавуваат дека ќе бидат преземени мерки за пошумување на сите планини зафатени од пожарите. Проценките се дека од 2000 до 2021 година, Македонија била зафатена од вкупно 4.811 пожари, во кои изгореле над 200 илјади хектари површина.

Во моментов, според кажувањата на Ангелов, активни се пожарите на територија на Македонски Брод, кон ловиштето Јасен. Таму не заврна воопшто дожд или количината беше сосема мала и немаше никаков ефект во гасењето. Исто така, се појавиле две жешки точки на планината Серта од неготинска страна. Други активни пожари на територијата на државата нема – сите други или се изгаснати или се ставени под контрола.

Н.П.

Слични содржини