Поранешен градоначалник и инвеститор во недвижности е осуден во Турција на 16 години и три месеци затвор поради уривање на зграда во која загинаа 16 лица за време на катастрофалниот земјотрес во 2023 година, објавија турските медиуми.
Судот го осуди Океш Кавак за „предизвикување смрт или повреда на повеќе од едно лице поради невнимание“ за време на уривањето на зградата во која бил инвеститор во малиот град Нурдаги, во провинцијата Газиантеп, во југоисточна Турција.
Судот го обвини и дека користел фалсификувани документи за да добие градежна дозвола.
На Океш Кавак, кој беше избран за градоначалник на Нурдаги, му се суди за уривање на друга зграда во која загинаа 36 лица.
Во Нурдаги штетите беа големи во земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтер во февруари 2023 година, во кој загинаа повеќе од 53.000 луѓе во Турција и повеќе од 6.000 во соседна Сирија.