Поранешниот индиски политичар Атик Ахмед беше убиен заедно со неговиот брат за време на телевизиска изјава во живо за новинарите.
Атик Ахмед, кој бил под полициска придружба, зборувал со новинарите кога бил убиен заедно со неговиот брат.
Синот тинејџер на Ахмед беше убиен од полицијата неколку дена претходно.
Инаку, Ахмед е осомничен за десетици киднапирања, убиства и изнуда. Локалниот суд го осуди него и уште двајца на доживотен затвор во март оваа година, а тој секогаш тврдеше дека полицијата му се заканувала по неговиот живот, јавува Би-Би-Си.
На видеото од убиството, кое беше емитувано во живо на телевизија, а подоцна се појави на социјалните мрежи, се гледаат Ахмед и неговиот брат Ашраф, обајцата со лисици на рацете, како разговараат со новинарите на пат кон медицински преглед.
По пукањето тројцата напаѓачи кои се претставувале како новинари се предале и биле приведени.
Тројца напаѓачи дошле на местото на настанот со мотори, а во престрелката биле ранети полицаец и новинар. Полицијата нареди истрага за убиството и забрани јавни собири во делови на државата Утар Прадеш.
Ахмед, кој е поранешен пратеник, и неговиот брат беа во полиција и беа одведени во Алахабад во државата Утар Прадеш, каде што беше обвинет за убиство и напад.
И двајцата беа уапсени во април во врска со убиството на Умеш Пал, кој беше клучен сведок на убиството на регионалниот пратеник Бахуџан Самај во 2005 година. Ахмед е во затвор од 2019 година, откако беше осуден за киднапирање.
Опозициските партии во Утар Прадеш го критикуваа убиството на Ахмед и неговиот брат како безбедносен пропуст, велејќи дека ако некој може да биде убиен јавно, среде полициски кордон, тогаш што кажува тоа за општата јавна безбедност.
Во исто време, активистите за човекови права ја обвинуваат полицијата дека извршила убиства надвор од рамките на правосудниот систем, што локалната власт го негира.