Кина ја доби битката за вештачка интелигенција (АИ) со Соединетите држави и се движи кон глобална доминација поради нејзините технолошки достигнувања, изјави поранешен шеф во Пентагон, задолжен за софтвер, за „Фајненшл тајмс“.
Според проценките на западната разузнавачка служба, Кина, втората по големина економија во светот, веројатно ќе доминира со многу од новите технологии, особено вештачката интелигенција, синтетичката биологија и генетиката.
Никола Чајлан, првиот главен офицер за софтвер во Пентагон кој поднесе оставка во знак на протест поради бавното темпо на технолошка трансформација во американската војска, рече дека неможноста да се одговори ги става САД во ризик.
„Немаме конкурентна шанса да се бориме со Кина за 15 до 20 години. Во моментов, ова е завршена работа; мислам дека битката е завршена“, рече тој за весникот. „Дали е потребна војна или не, е некако анегдотски“, истакна тој.
Кина ќе доминира со иднината на светот, контролирајќи се – од медиумите до геополитиката, рече тој.
Чајлан ги обвинува бавните иновации, неподготвеноста на американските компании како Google да работат со државата за вештачката интелигенција и обемните етички дебати за технологијата.
Google не коментираше на обвинувањата.
Кинеските компании, вели Чајлан, требало да работат со својата влада и да прават „огромни инвестиции“ во вештачката интелигенција без оглед на етиката.
Тој вели дека американската сајбер безбедност во некои владини оддели е на „ниво на градинка“.
Чајлан објави дека поднесува оставка на почетокот на септември, велејќи дека војската постојано била регрутирана да води сајбер иницијативи за кои им недостасува искуство.
Портпаролот на Пентагон рече дека разговарал со Чајлан за неговите препораки за идниот развој на софтверот на одделот по неговата оставка и му се заблагодари за неговиот придонес, објави ФТ.