Поранешниот амбасадор во Ватикан Ѓоко Ѓорѓевски се посвети на монаштвото

од Љубиша Владимиров
47 прегледи

Поранешниот македонски амбасадор во Ватикан, Ѓоко Ѓорѓевски, се замонаши и од сега ќе се вика монах Георгиј. Замонашувањето се случи на 27 мај 2025 година во православниот храм „Свети великомаченик Георгиј“ во Криви Дол, Скопје, каде архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, го изврши чинот на мала схима.

Токму на денот кога Црквата го одбележува споменот на светите Гаврил Велички и Ахил Преспански, архиепископот Стефан отслужи и свечена вечерна богослужба во манастирот „Свети великомаченик Георгиј“ во Криви Дол.

Ѓоко Ѓорѓевски, сега монах Георгиј, има 57 години. Тој важи за еден од најуспешните македонски амбасадори во Ватикан, каде работеше од 2010 до 2014 година. Покрај дипломатијата, тој е и долгогодишен професор на Богословскиот факултет „Свети Климент Охридски“, каде предава православна теологија од 2004 година. Од 2000 до 2009 година беше и шеф на кабинетот на архиепископот г.г. Стефан. Автор е на повеќе книги, а во последните пет години раководи со Македонското библиско здружение.

Со оваа одлука Ѓорѓевски започнува нов духовен пат како монах, прифаќајќи го монашкото име Георгиј.

Слични содржини