Поранешниот претседател на Украина со пушка во рацете: Путин никогаш нема да нѐ окупира

од Nikola Popovski

Поранешниот украински претседател Петро Порошенко се приклучи на територијалната одбрана во Киев и со калашников во рака изјави за Си-Ен-Ен дека верува оти Русија никогаш нема да успее да ја окупира Украина.

Тој рече дека со него биле близу 300 припадници на баталјонот за територијална одбрана и дека имале само два митралези и ништо повеќе.

„Немаме тешка артилерија, немаме тенкови, немаме вооружен транспортер, бидејќи овој процес го започнавме пред само неколку дена. Ова го направивме за два дена, тука има многу луѓе кои сакаат да се приклучат на баталјонот, но немаме доволно оружје за тоа и тоа е единственото ограничување“, рече Порошенко.

„Цивилна одбрана, нормални обични луѓе кои во некои случаи никогаш не биле во војска, сега стојат во ред да ни се придружат. Ова е исклучително опиплива и одлична демонстрација за тоа колку украинскиот народ го мрази Путин и колку ние се противиме на руската агресија. Тоа е многу јасно“, додаде тој.

Запрашан колку долго можат да издржат украинските сили, Порошенко рече:

„Засекогаш. Мислам дека Путин никогаш нема да ја окупира Украина, без разлика колку војници има, колку проектили и колку нуклеарно оружје има. Ние, Украинците, сме слободни луѓе со голема европска иднина“, изјави поранешниот украински претседател.

Слични содржини