Британските власти ќе мора да донесат некои тешки одлуки и се плашам дека времето за одлучување е веќе пред нас, вели поранешниот шеф на британското воено разузнавање
Велика Британија е вклучена во т.н „сива војна“ против Русија, но ниту властите ниту јавноста не ја сфаќаат ситуацијата доволно сериозно, смета поранешниот шеф на познатата разузнавачка служба МИ6, Ричард Дирлав, кој ја предводеше британската воена разузнавачка служба од 1999 до 2004 година.
Вооружените сили на Обединетото Кралство не добиваат доволно финансиски средства за да можат да одговорат на заканите од Москва и Пекинг, изјави Дирлав во интервју за „Политико“.
Неговата изјава уследи по минатонеделната најава за усвојување на буџетот на Велика Британија за следната фискална година, во која се наведува дека нема да има зголемување на издвојувањата за одбраната, поточно за овој сегмент повторно ќе бидат наменети два отсто од БДП.
„Ако застанете некого на улица овде во Британија и го прашате дали мислат дека Британија е во војна, тие ќе ве погледнат како да сте луд. Но, ние сме во војна – ние сме вклучени во сива војна против Русија и јас се обидувам да ги потсетам луѓето на тоа. Британските власти ќе мора да донесат некои тешки одлуки и се плашам дека времето за одлучување е веќе пред нас. Треба да трошиме 2,5 отсто од БДП за одбрана “, рече Дирлав.
Поранешниот шеф на МИ6 се осврна и на бројните проблеми со кои се соочува Кралската морнарица, од недостиг на морнари до дефекти и пожари на на два носачи на авиони:
„Итно треба да изградиме повеќе бродови. Ни треба поголема морнарица и ни требаат повеќе трупи на терен“.
Во однос на војната во Украина, Дирлав изјави дека овој конфликт ја покажува важноста на живата сила на современото бојно поле и посочи дека бројот на луѓе во копнените сили на британската армија од 2006 година е намален за 26.000, а денес имаат само 74.000 активни членови.
Пензионираниот шеф на британската служба само ги потврди тврдењата на одредени руски функционери дека Обединетото Кралство е „директно вклучено“ во конфликтот меѓу Русија и Украина и дека покрај испораката на оружје, оваа земја има и оперативци на терен кои им помоагаат на украинските војници во управувањето со одредени системи и организирање напади врз поморски и копнени цели на руска територија.